Соопштение од Ерусалимската Патријаршија: Господи смилувај се на Газа

Ерусалимската Патријаршија објави итно соопштение, на 13 април годинава, денот кога Црквата го празнува славното влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим, во врска со систематското уништување на болниците во појасот Газа од страна на Израелските воени сили. Ваквите постапки Ерусалимската Патријаршија ги именува „трагедија што ги надминува границите на политиката и се приближува до границите на светото“.

Во продолжение го пренесуваме Патријаршиското соопштение во целост.


Соопштение

Тага нè обзема годинава на Цветници: едно прибежиште на лекување е погодено на земјата на небесниот лекар на душите и телата.

Ерусалим, 13 април 2025

Во текот на светата недела на Цветници, кога сите верници ширум светот ги издигнуваат палмините гранки во спомен на триумфалниот влез на нашиот Господ Исус Христос во Ерусалим – влез што не се случи со насилно освојување, туку со кроткост, мир и божествено помирување – чувствуваме длабока тага во нашите срца поради болката што се одвива на земјата каде што застанале нозете на Господа.

Во првите утрински часови на овој ден, Арапско-Баптистичката болница Ал-Ахли во Газа, место на лечење и со децении посветено на христијанското дело на милосрдие, беше погодена од израелски воздушен напад, со што беа ставени вон функција одделот за итни случаи и други критични медицински единици. Пациенти во ранлива состојба беа принудени да ги напуштат ходниците, вклучително и деца. Меѓу нив и едно дванаесетгодишно дете, кое загина за време на хаотичната евакуација. Оваа смрт, како и сите останати, е тивок повик, потсетник на возраста на невиноста што страда, тогаш кога најмногу би требало да биде згрижена.

Оваа болница, веќе оптоварена од повеќемесечна опсада, беше последен светилник на медицинска надеж во Газа, бидејќи десетици здравствени установи се систематски уништени. Губењето на вакви прибежишта на живот и достоинство претставува трагедија што ги надминува границите на политиката и се приближува до границите на светото.

И покрај уништувањето, светлината на верата останува незагасната. Во Стариот Град на Газа, во населбата Зајтун, историскиот храм на Свети Порфириј ги одржа редовните служби за Цветници и молитви исполнети со умиление, сведочејќи за мирот Христов, кој останува жив, дури и кога тагата го опкружува олтарот.

Црквата на Ерусалим, како чувар на Светиот Христов Гроб, која секојдневно го поминува патот на Неговите страдања и Воскресение, не може да ги сврти очите од оваа страшна состојба. Одговараме со молитва, сведочејќи ја вистината дека милоста е посилна од омразата и дека човештвото, и покрај несреќите и болките, не се плаши и не губи надеж. Зашто е напишано: „И ќе избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема веќе да има, ни жалост, ни плач, ни болка нема веќе да има“ (Откровение 21:4).

Господи Исусе Христе, небесен Лекару, смилувај се на Газа.

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/anakoinothenta/ανακοινωσισ-του-ορθοδοξου-πατριαρχε/