На 17 јули 2025 Ерусалимската Патријаршија објави соопштение со осуда на Израелскиот напад на единствениот римокатолички храм во Газа, црквата „Свето Семејство“. Во нападот, кој Израелските вооружени сили го извршија на 16 јули, беа убиени тројца од присутните во храмот, а повеќемина се повредени, некои критично. Помеѓу повредените е и свештеникот на храмот.
Во продолжение го пренесуваме ова соопштение.
Ерусалимската Патријаршија ја изразува својата најдлабока осуда за нападот што беше насочен кон римокатоличкиот храм „Свето Семејство“ во градот Газа. Овој напад предизвика голема материјална штета и човечки загуби во просторот на оваа парохија и директно ги доведе во опасност животите на невини луѓе, особено на лица со посебни потреби и раселени лица кои побарале безбедно прибежиште во рамките на храмот.
Нападот врз свето место кое е прифатилиште за приближно 600 раселени лица, меѓу кои и деца, а 54 од нив се лица со посебни потреби, претставува грубо прекршување на човековото достоинство и отворена повреда на светоста на животот и на верските места, кои треба да нудат прибежиште во време на војна.
Бомбардирањето уништи голем дел од храмовиот комплекс, а лицата со посебни потреби беа принудени да го напуштат просторот, при што некои од нив не успеаја да обезбедат апарати за дишење од кои зависи нивниот живот – факт што претставува директна закана за нивниот опстанок.
Во овој критичен момент, Патријаршијата нагласува дека Црквите се духовни и хуманитарни светилници кои му служат на човекот без дискриминација. Таа, исто така, ја повикува Меѓународната заедница и агенциите на Обединетите нации да обезбедат итна заштита на верските институции и хуманитарните центри во Појасот Газа, осигурувајќи го почитувањето на меѓународното хуманитарно право, кое изречно забранува напаѓање цивили и места за богослужение.
Нашите молитви нека ги придружуваат сите што беа погодени, и се надеваме дека разумот ќе надвладее над машината на војната, а гласот на милоста ќе ја надмине бучавата на неговите пламени.
Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/anakoinothenta/ανακοινωσισ-του-πατριαρχειου-ιεροσο-8/
