Ерусалимската Патријаршија на 2 април 2026 година објави соопштение во врска со празнувањето на претстојните Велигденски празници, за кои известува дека ќе се богослужи исклучиво во рамките на храмовите.
Во сооштението Патријаршијата повторно изразува сочувство со жителите на Газа и учествува во нивната болка „која го повредува човечкото достоинство и правото на живот“, и изјавува дека „повторените напади на доселеници врз цивили и нивниот имот на Западниот Брег претставуваат продолжение на страдањето“, нагласувајќи дека при тоа се засегнати и православни христијански свети места на повеќе локации.
Во продолжение е соопштението во целост.
Веќе трета последователна година, во време кога човечката болка силно ги притиска светите места, Ерусалимската Патријаршија ја потврдува својата посветеност на својата духовна и историска мисија, заснована врз зачувувањето на христијанското присуство, заштитата на светоста на нејзините богослужбени обреди и одбраната на постојниот поредок (status quo), кој претставува стабилна гаранција за слободата на вероисповедта и за продолженото христијанско сведоштво во оваа благословена земја. Во таа рамка, Патријаршијата нагласува дека нејзината посветеност и напорите за обезбедување на одржување на богослужбите во светите места и во нивните утврдени термини, и покрај тешките услови, имаат за цел зачувување на нашите права и на самиот историски поредок, како и негова заштита од секое нарушување.
Патријаршијата, сочувствувајќи со жителите на Газа и учествувајќи во нивната болка, која го повредува човечкото достоинство и правото на живот, смета дека повторените напади на доселеници врз цивили и нивниот имот на Западниот Брег претставуваат продолжение на ова страдање, кое ги погодува нашите свети места на повеќе локации. Патријаршијата истакнува дека затворањето на Ал-Акса и спречувањето на верниците да се молат таму, во сегашните услови, влијае врз верскиот живот и духовната врска на човештвото со неговите свети места.
Во вакви тешкотии и околности, Ерусалимската Патријаршија ги потсетува зборовите на Апостол Павле: „Ако страдаме со Него, за да се прославиме со Него“ (Рим. 8, 17), со уверување дека болката, колку и да е силна, не го гаси светлото на надежта во душите на верните, туку ги повикува на постојаност во верата и на заштита на човечкиот живот, кој ни е доверен како божествен дар.
Преземајќи ја оваа духовна одговорност и како чувар на христијанските поклонички места и заштитник на поклоничките патишта кон светите места, Патријаршијата ја објавува својата континуирана посветеност на зачувувањето на своето верско наследство и уредува богослужбите од Цветници до Велигден да се одржуваат исклучиво во рамките на храмовите, поради сериозноста и тежината на овој период, со почит кон човечката болка и со зачувување на светоста на овие благословени денови.
Патријаршијата исто така ја потврдува својата непоколеблива приврзаност кон целосното зачувување на поклоничкиот статус, како историски така и правно, обезбедувајќи заштита на светите места и зачувување на утврдените верски права.
Ги вознесуваме нашите молитви, заедно со нашата паства и нашата младина, каде и да се наоѓаат, за да надвладее праведен мир во нашата земја, да се зачува достоинството на секој човек и Ерусалим – како што и самото име сведочи – како град на верата, љубовта и мирот, да остане навистина жив светилник на верата, надежта и љубовта.
Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/anakoinothenta/δηλωσις-του-πατριαρχειου-ιεροσολυμω/
