Грузиската православна црква на 30 ноември 2024 година објави соопштение за жестоките протести во главниот град на државата – Тбилиси. Во продолжение го пренесуваме во целост ова соопштение, објавено на официјалната интернет страна на Црквата.
Соопштение од Грузиската Патријаршија
Со голема жалост известуваме дека, и покрај повикот на Црквата, демонстрацијата на авенијата Руставели на 30 ноември премина во сериозен судир. На снимките кои беа објавени во медиумите и на социјалните мрежи јасно се гледаат постапки кои ги надминуваат границите на законитоста и моралот.
Создадената ситуација предизвикува поделби и претставува закана за мирното заедничко живеење на граѓаните. За нас се драгоцени сите страни во конфликтот, и се молиме за нив; исто така се молиме за брзо закрепнување на повредените.
Уште еднаш ги повикуваме младите и воопшто демонстрантите да покажат мудрост и да ги почитуваат границите на изразување протест. Ги повикуваме и органите на редот да покажат максимална трпеливост и да не ги надминуваат границите на законитите дејства. Потребно е државата брзо да ја информира јавноста за прекршувањата и истрагите поврзани со нив.
Колку и да се бориме за големи вредности, не смееме да заборавиме дека човекот е образ и подобие Божјо и е најдостојното создание на овој свет.
Ѝ се молиме на Пресветата Богородица да ја заштити својата сакана Грузија со мир.