На 21 јули 2025 година, претстоителот на Полската Православна Црква, Митрополитот Варшавски и на цела Полска г.г. Сава го објави следното соопштение во врска со канонизацијата на новите светители во Полската Православна Црква, согласно со одлуката од март годинава, за која известивме.
На 17 септември 1925 година нашата Црква доби документ што ја потврдува стекнатата канонска самостојност. „Томосот“ го добил блаженоупокоениот митрополит Дионисиј Валедински во варшавската катедрала.
На 17 септември 2025 година ќе се навршат 100 години од овој историски настан. Овој ден е многу важен во животот на Црквата и носи со себе особено значење.
Затоа, Светиот Архијерејски Собор на Полската Автокефална Православна Црква, со одлука од 18 март 2025 година, реши да ги признае за свети маченици нашите браќа и сестри, кои го положиле својот живот за верата и за Светото Православие – меѓу другото, во логорите во Катињ и Медное, во камповите Аушвиц, Мајданек и Треблинка, во Варшавското востание, како и за време на протерувањата и депортациите. За време на својот живот тие биле живи сведоци на доделувањето на автокефалијата на Православната Црква во Полска. Денот на нивното празнување и молитвено спомнување го определивме да биде 17 септември, а претходниот ден, т.е. 16 септември, за ден на прогласување на нивната светост.
Затоа, објавувањето на одлуката на Светиот Архијерејски Собор на Полската Автокефална Православна Црква за светоста на нашите браќа и сестри ќе се одржи на 16 септември 2025 година, во навечерието на нивниот празник.
Свеченостите ќе се одржат во храмот „Света Софија – Премудрост Божја“ во Варшава, на ул. Пулауска 568, и ќе започнат во 10:00 часот.
На самиот ден на нивниот празник, 17 септември 2025 година, свечени свети Литургии ќе бидат отслужени во храмовите на сите епархии на нашата Црква, на денот на нивното молитвено спомнување – каде што тоа е можно.
Во име на Светиот Архијерејски Собор на Полската Автокефална Православна Црква, срдечно ве поканувам на свеченостите на 16 септември оваа година, во главниот храм на Премудрост Божја, за да се соединиме духовно со новопрославените светители и со целата православна Црква во возвишена атмосфера. Да не заборавиме дека образецот на местото на свеченоста, константинополската „Света Софија“ е храм на целото христијанство.
Ги повикувам почитуваното свештенство и верниците на нашата Црква да учествуваат на прославата, по повод прогласувањето на новите светители. Ги повикувам нашите млади, ги повикувам Братствата и Здруженијата, да се потрудиме да учествуваме во овој важен и историски настан со нашите семејства, организирајќи поклонички патувања од секој крај на нашата Татковина.
Да Му оддадеме слава на Бога, да Му принесеме благодарност за сите добрини што ни ги дарувал. Да ги вознесеме заедно, пред Господа на сè создадено, нашите усрдни молитви за да ги добиеме Неговата милост и благослов за нови, мирни години во животот на Православната Црква во Полска, за мир во Татковината и во целиот свет.
Свети Маченици Катински, молете се за нас.
† Сава
Православен Митрополит Варшавски и на цела Полска
Извор: https://www.orthodox.pl/komunikat-ws-kanonizacji-meczennikow-katynskich/
