Бугарската православна црква во врска со забраната за промоција на ЛГБТ во училиштата

Светиот архиејерејски синод на Бугарската православна црква објави соопштение по повод забраната на ЛГБТ пропаганда во училишните установи во Бугарија. Имено, во текот на вчерашниот ден во бугарскиот парламент беше изгласана мерка која опфаќа забрана за пропаганда, популаризација или поттикнување на кој било начин во образовниот систем идеи и ставови поврзани со нетрадиционална сексуална ориентација и утврдување на родов идентитет различен од биолошкиот.

Во продолжение, ова соопштение го пренесуваме во целост.


Соопштение од Синодот на Бугарската црква во врска со усвоениот Закон за изменување и дополнување на Законот за предучилишно и училишно образование

Светиот синод на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија ја изразува својата благодарност кон народните претставници за постигнатата согласност околу општозначајните вредности за бугарското општество, како што се воспитанието, образованието и заштитата на децата на Бугарија.

Ние сме задоволни од законската забрана во системот на предучилишно и училишно образование за активности поврзани со пропаганда, популаризирање или поттикнување на какви било начини, директно или индиректно, на идеи и ставови поврзани со нетрадиционална сексуална ориентација и/или определување на пол според идентитет кој е различен од биолошкиот.

Светиот Синод на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија брани доследна позиција по прашањето за поимите „пол“, „брак“, „семејство“, како и за потребата од духовно-морално воспитување, образование и заштита на децата, во основата на кои е учењето на Христовата Црква за човекот како највеличествена Божја творба.

Светиот Синод многупати имаше повод во последниве години да потсети на својата позиција дека за христијанството постои едно единствено поимање за пол, кое произлегува од биолошкото устројство (природа) на човекот како Божја творба, како и дека бракот и семејството, разбрани како благословен од Бога сојуз меѓу маж и жена, се вековна неприкосновена вредност за христијанството. Во основата на секое позитивно право неопходно е да стои природното човечко право, кое, пак, се основа на божественото право, вградено во природата на творбата од нејзиниот Творец.

Убедени сме дека прашањата поврзани со полот, семејството, воспитувањето и образованието на децата во современото општество се прашања со стратешко значење не само за националниот и уставниот идентитет на Бугарија како членка на Европската унија, туку и за зачувување и иднината на бугарскиот народ, па и на целиот човечки род. Истражувањата во Бугарија покажуваат дека ваквите ставови и разбирања ги делат и мнозинството бугарски граѓани.

Бугарската православна црква, како грижлива мајка за бугарскиот народ, ги споделува загриженоста и вознемиреноста на многу родители и педагози од современите проблеми на воспитувањето на децата во нашето општество.

Веруваме дека започнатото единство меѓу политичките сили во врска со ограничувањето во системот на предучилишно и училишно образование на идеологии спротивни на христијанскиот морал и здравиот човечки разум ќе го најде своето продолжение во други законодавни иницијативи, корисни за воспитувањето и образованието на децата – иднината на Бугарија.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/saobshtenie-na-sv-sinod-otnosno-prietia-zakon-za-izmenenie-i