Реакција од Српската Православна Црква во врска со апсењата на Срби на Косово и Метохија

Рашко-призренската епархија на Српската Православна Црква на 1 март 2026 година објави соопштение во врска со апсењата на Срби во селото Суво Грло, на Косово и Метохија, претходниот ден, на 28 февруари. Во продолжение го пренесуваме ова соопштение во целост.


Рашко-призренската епархија со длабока загриженост ги следи вестите за вчерашните апсења на Срби во селото Суво Грло и изразува пастирска солидарност со нивните семејства, како и со целокупното српско население од тој крај. Овој настан за кратко време предизвика силен потрес и немир меѓу мештаните, кои веќе со децении живеат во услови на изолираност, несигурност и отсуство на основни права.

Особено загрижува фактот што станува збор за лица кои нивната средина ги препознава како добри домаќини и семејни луѓе, без претходни јавни обвиненија или постапки кои би ги довеле, во текот на изминатите две и пол децении, во врска со најтешките кривични дела што сега наводно им се припишуваат. Затоа е разбирливо што овие апсења кај српскиот народ предизвикуваат чувство на дополнителна несигурност и се доживуваат како силен притисок што може да предизвика тешка состојба во овие села. Кога во мали заедници ќе се случи неколку луѓе да бидат лишени од слобода, стравот лесно се пренесува на целото село, на семејствата и децата, така што нивната иднина се доведува во прашање.

Суво Грло, Бање и Црколез претставуваат единствените преостанати српски села во тој дел на Косово и Метохија, кои опстанале по големиот бран прогон и иселување по 1999 година, благодарение на храброста и истрајноста на нивните жители да не потклекнат пред притисоците и заканите. Токму затоа, тамошното српско население ваквите акции, особено кога се спроведуваат на застрашувачки начин, ги доживува како порака што сериозно го загрозува опстанокот и го продлабочува чувството на дополнителна несигурност. Епархијата смета дека е од суштинска важност институциите да не создаваат ваква атмосфера, бидејќи таа од темел го разорува довербата и ги отежнува и онака тешките услови за нормален живот.

Рашко-призренската епархија не ја оспорува потребата секое поединечно воено злосторство да биде истражено и да се обезбеди правда за сите жртви без оглед на етничкото потекло. Меѓутоа, вистината и правдата не можат да се градат врз атмосфера на колективна вина и заплашување на српскиот народ со селективна примена на законите, на што сме сведоци особено во последните години. Правда без доверба не ги лекува раните, туку ги продлабочува уште повеќе. Затоа е од пресудно значење секоја постапка на органите на редот да не биде заснована врз гласини и претпоставки, туку врз јасни и проверени факти и докази, со целосно почитување на претпоставката на невиност, достоинството на луѓето и нивните семејства. Во спротивно, се создаваат нови тензии во чувствителните српски средини. Честите акции на апсење Срби во изминатите години нашиот народ сè повеќе ги доживува како отворен вид кампања чија цел е прогон на преостанатото српско население од своите вековни огништа.

Епархијата очекува надлежните органи да обезбедат постапувањето кон приведените Срби да биде во согласност со правдата и човечкото достоинство. Особено е важно да не се покренуваат постапки што делуваат како јавни спектакли и кои во малите средини предизвикуваат дополнително заплашување, бидејќи последицата од тоа не е утврдување факти и вистина, туку создавање уште поголем страв и подлабока недоверба.

Рашко-призренската епархија ги повикува меѓународните претставници и мисии присутни на терен со особено внимание да ги следат ваквите случаи и нивните пошироки последици врз опстанокот на малубројните загрозени српски заедници. Нашите малубројни заедници не се некакви апстрактни „малцинства“, туку конкретни луѓе и семејства што се обидуваат да живеат и работат нормално, да воспитуваат деца и да останат на своите огништа.

Како Црква, остануваме со нашиот народ и ќе продолжиме да даваме духовна и пастирска поддршка на семејствата погодени од овој настан. Воедно, ја повикуваме јавноста да не ги затвора очите пред вистинските последици од ваквите настани врз животот на српскиот народ на Косово и Метохија. Му се молиме на Господа да ги утеши и укрепи семејствата на приведените, за вистината да се покаже без неправда и пристрасност, а во нашиот вознемирен народ да се вратат мирот и животот без страв.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//15868.saopstenje-eparhije-rasko-prizrenske-povodom-hapsenja-srba-u-suvom-grlu.html