Постојаниот Свет Синод на Црквата на Грција, продолжувајќи на неодамнешните изјави на Неговото Блаженство, Претседателот на Синодот, Архиепископот Атински и на цела Грција, г.г. Јероним, по повод ситуацијата во Сирија, изјавува дека внимателно ги следи случувањата и е во постојана комуникација со Антиохиската Патријаршија. Синодот изразува загриженост за паството на оваа Црква и за другите христијани во земјата, нагласувајќи дека е подготвен да пружи помош од кој било вид, доколку тоа се побара.
Познато е дека Сирија претставува лулка на христијанството, бидејќи таму учениците на Христос првпат беа наречени Христијани. Во нејзините граници се издигнаа светци со универзална значајност, како свети Јован Златоуст, свети Јован Дамаскин и свети Симеон Столпник. Антиохиската православна патријаршија, која има многу значајно место во историјата на христијанската црква како една од петте древни патријаршии, е историска институција со долга и значајна улога. Таа мора да остане жива и просперитетна во регионот на Сирија како континуитет на црковната традиција. Секој обид за искоренување на православното христијанство од Сирија би претставувал историско светогрдство.
Црквата на Грција, уште од 2011 година, кога започна граѓанската војна во Сирија, изрази практична поддршка и сочувство, како материјално така и духовно, кон страдалниот сириски народ. Во 2013 година, таа испрати писма до Обединетите нации и Европската унија, изразувајќи длабока загриженост и протест за животите на двајцата киднапирани и сè уште исчезнати митрополити: Православниот Митрополит на Алепо г. Павле, и Сиро-јакобитскиот Митрополит, г. Григориј-Јован Ибрахим.
Сирија е запаметена во историјата по меѓурелигиската толеранција и хармоничниот соживот на Христијаните со арапската заедница и исламските власти. Постојаниот Свет Синод се моли оваа мирна и плодна коегзистенција да не биде нарушена, туку да продолжи да постои взаемната почит, која е основа на оваа хармонија.
Синодот упатува апел до грчката влада и меѓународната заедница брзо да преземат иницијативи за воспоставување мир во регионот, заштита на цивилното население, спречување на хуманитарна трагедија и обезбедување на присуството на древната Антиохиска патријаршија и Христијаните во овој регион.
