Минатата недела бугарските пратеници во прво читање усвоија три одделни предлози за изменување на Законот за верски заедници, со кои се идентификува Бугарската патријаршија како единствен претставник на православието во Бугарија.
Предлог-законите нагласуваат потреба да се спречи можноста за регистрација на повеќе од една православна црква како правно лице што би можело да го користи името „православна“ во својот назив.
Ова прашање се појави откако минатиот месец Бугарскиот суд одлучи дека смее да се регистрира Бугарската православна старокалендарска црква, што предизвика силни политички и јавни реакции. Неговата Светост Патријархот Даниил и членовите на Светиот Синод се сретнаа со разни институции барајќи државна заштита од потенцијален нов раскол, согласувајќи се дека треба да се забрани користењето на зборот „православна“ како ознака за која било друга црква во Бугарија освен Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија.
Предлозите експлицитно се повикуваат на православното канонско право за прашањето на единството на Црквата и на државниот устав, кој ја идентификува Бугарската православна црква како дел од Вселенската Црква.
Ова е прв случај во бугарското законодавство каде што се вклучува експлицитна референца на црковното канонско право во правен текст со обврзувачка сила.
Според предлозите, верските заедници можат слободно да го изберат својот назив, но мора јасно да се разликуваат од Бугарската православна црква. Предвидените закони би им дале на верските заедници кои чекаат регистрација или веќе се регистрирани рок од два месеци за промена на името, доколку е потребно. Ова би влијаело на „Бугарската православна старокалендарска црква“ со седиште во Софија, „Вистинската православна црква“ со седиште во Пловдив и „Ерменската апостолска православна црква“.
Бидејќи се усвоени повеќе предлози, парламентарен комитет ќе подготви еден заеднички предлог во рок од 14 дена, кој ќе биде претставен на Претседателот на Народното собрание и пратениците за писмени предлози.
Претходно, на 30 декември 2024 година, Светиот Синод на Бугарската православна црква ја објави следната изјава во врска со одлуката на судот за одобрување на регистрацијата на паралелна православна црква:
Бог не е Бог на безредие, туку на мир.
Така е во сите цркви меѓу светиите (1 Кор. 14, 33).Возљубени во Родениот за нашето спасение Богомладенец браќа и сестри,
Почитувани претставници на државната власт,
Во деновите на божиќниот пост, спроти големиот празник – Рождеството по плот на нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос, нашата радост беше помрачена од веста за една колку неочекувана, толку и тажна со своите последици судска одлука. Откако светата Црква во Бугарија беше измачувана во текот на повеќе од две децении од жалосната поделба на политички инспирираниот раскол (1991 – 1998 – 2009 г.), кој со заедничките напори на сите – Црква, законодавна, извршна и судска власт – беше целосно надминат, денес сме исправени пред опасноста од нови поделби. Повторно се става под сомнеж идентитетот на Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија (БПЦ – БП). Денес повторно сме исправени пред отворање на вратите преку овој судски преседан за роење на многу организации кои претендираат да се нарекуваат и да бидат „православни цркви”.
Без никакво сомнение, институционален изразител и претставник на традиционалното источно-православно вероисповедање во Република Бугарија е Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија. БПЦ – БП е изразител на традиционалното источно-православно вероисповедание, кое е толку својствено за битот, душевноста, културата, психологијата на бугарскиот народ поради долгогодишното исповедање и практикување, што се претворило во природна правна појава. Постоењето на БПЦ – БП како уникатна социјална појава „не од овој свет”, е од категоријата на факти со непреодно историско и цивилизациско значење за бугарската држава и за Европа, така што со право се признава за правно лице по силата на законот (ex lege).
Според член 13 од Уставот традиционална религија во Република Бугарија е источно-православното вероисповедање. Уставниот законодавец зборува за едно источно-православно вероисповедание, а член 10 од Законот за вероисповест исто така во еднина определува дека претставник на традиционалното православие е самоуправната Бугарска православна црква – Бугарска Патријаршија.
Основен принцип во канонското (внатрешно) право на Православната црква е дека на конкретна државна територија може да постои само една единствена Црква со еден единствен предстоител и едно единствено Свештеноначалие (Свет собор, Архиерејски собор) (види на пр. пр. 2 на Вториот вселенски собор и мн. др.). Паралелното вршење на јурисдикциски овластувања од страна на неколку епископи на една иста територија во границите на дадена Помесна црква (меѓусебно преклопувачки јурисдикции) е грубо нарушување на божествените и свети правила на Црквата, кои се поставени и утврдени од Вселенските собори. Признавањето и дозволата за регистрација од страна на судот на друга (втора) паралелна „православна црква” во границите на бугарската држава е во остра спротивност со овој канонски принцип и ги повредува религиозните чувства, убедувањата и правата на православните христијани во земјата, бидејќи го става под сомнеж нивното право на религиозно самоопределување токму како Православна црква.
Во споменатата одлука се тврди дека разликата во „календарот“ е „доктринална“ (= догматска, вероучителна) разлика. Ако пак организацијата „Бугарска православна старостилна (старокалендарска) црква”, која претендира за регистрација, е различна во доктринален поглед, тогаш таа не може на никаков начин да користи при самоопределувањето и во своето име придавката „православна”. Следствено таа или е неправославна (инославна или иноверна) црква и како таква има секакво право да биде регистрирана токму како неправославна (без да го користи заблудувачкото и подведувачко име „православна”, кое има еднозначна смисла и се однесува само на БПЦ – БП во определбата, дадена од уставниот законодавец и од Законот за вероисповеди во Република Бугарија), или пак треба да прифати дека е православна и како таква е неразделен дел од едната, единствена и единствена Бугарска православна црква – Бугарска Патријаршија.
Должни сме да изјавиме дека употребата на различни календари (календарски стилови) не е доктринално (догматско) прашање. Доказ за тоа е дека Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија се наоѓа во целосно евхаристиско и каноничко општење со редица Помесни православни цркви, во кои богослужбата се врши по т.н. „стар стил” (Ерусалимска патријаршија, Српска православна црква, Руска православна црква и т.н.). Исто така во самата БПЦ – БП постојат парохии, во кои – по снисходливост (канонска икономѝја) – со благослов на соодветните епархиски архиереи, богослужбите се служат по „стариот стил”.
Возљубени во Христа браќа и сестри,
Без вистинско општење во Господа нема Црква. Православната црква е основаната од нашиот Господ Исус Христос пред повеќе од две илјади години и осветената преку благодатта на Светиот Дух заедница на верници, која се простира по најразлични земји и места по светот и опфаќа во себе множество народи, кои ги преобразува и претвора во еден народ Божји. Таа обединува во единството на духот преку врските на мирот (Еф. 4, 3). БПЦ – БП е во целосно и нераскинливо евхаристиско, догматско и канонско заедничарење со сите останати Помесни православни цркви. Таа е самата Православна црква на територијата на Република Бугарија, која е призната од сите Помесни цркви. Така, како што Господ Исус Христос, Кој е Глава на Црквата, која е Негово Богочовечко Тело, е Еден и Единствен, така и Православната црква е една и единствена на соодветната државна територија. Така, како што Христовата жртва е една и единствена, еднаш засекогаш извршена за нашето спасение, така и светата Евхаристија, која се извршува на дадена конкретна територија (епископија, митрополија, Помесна црква), е една и единствена.
Уникатноста на името со сите негови атрибути, без никакви додатоци и промени во редоследот на „Бугарска православна црква – Бугарска Патријаршија”, произлегува од суштината на Црквата и сведочи за најважното прашање за секоја Помесна православна црква – признавањето од другите Помесни цркви во светото Православие. Нарушувањето на овие основни канонски и законски принципи преку создавањето на паралелни „православни цркви“ води до ерозија на Црквата и до поткопување на нејзините институционални темели, а на тој начин се одразува на мирот и единството на мнозинството од бугарскиот народ, кое членува во БПЦ – БП. Веруваме и сме уверени дека со Божјата помош ќе биде надминат настанатиот сериозен канонички и правен казус.
Возљубени браќа и сестри од т.н. „старостилна (старокалендарска) заедница“,
Со болка и со татковска во Христа љубов ве повикуваме да се вратите во спасителниот Кораб на канонската Бугарска православна црква – Бугарска Патријаршија. Нека Родениот за нашето спасение Господ Исус Христос ни ги просветлува умовите и срцата, за да бидеме носители, изразители и благовестители на Неговиот небесен благодатен мир, а не сејачи на раздор во тешките и исполнети со искушенија времиња, во кои живееме!
И ние, заедно со ангелското воинство, да воскликнеме: Слава во висините на Бога, и на земјата мир, меѓу луѓето благоволение! (Лк. 2, 14).
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/izyavlenie-na-svetia-sinod-na-bpts-bp-vav-vrazka-s-resheniet и https://orthochristian.com/166407.html