Сослужување на Цариградскиот и Бугарскиот Патријарх во Фанар

„Осумдесет години по укинувањето на жалосната схизма над Бугарската Црква и осумдесет години од првата претстојателска посета и сослужување во Вселенската патријаршија, извршено од егзархот Стефан, Неговата Светост Бугарскиот патријарх Даниил ја оствари својата прва мирна патријаршиска посета по својот избор и интронизација на престолот на бугарските патријарси во 2024 година“ – известува официјалната интернет страница на Бугарската Православна Црква.

Пред почетокот на светата Литургија во патријаршискиот храм „Св. Георги“ во Фанар, Бугарскиот патријарх Даниил беше пречекан во храмот, каде што на утрената богослужба застана на архијерејскиот трон.

Во свеченото богослужение патријархот Вартоломеј и патријархот Даниил сослужуваа со Нивните Високопреосвештенства: Халкидонскиот митрополит Емануил, Западно- и Средноевропскиот митрополит Антониј, митрополитот на Мира Хризостом, Варненскиот и Великопреславски митрополит Јован, митрополитот на Тиатир и Велика Британија Никита, Русенскиот митрополит Наум, митрополитот на Калиопол и Мадит Стефан, Старозагорскиот митрополит Кипријан, митрополитот на Кидонија Атинагора, Врачанскиот митрополит Григориј, митрополитот на Саранда еклисиес (Лозенград) Андреј, Видинскиот митрополит Пахомиј, архимандритот Јаков (Крочак), архимандритот Харалампиј (Ничев) и ѓакони, меѓу кои и протоѓаконот Дејан Коруновски.

На крајот од богослужбата двајцата патријарси произнесоа слова во кои ги истакнаа историските врски меѓу Цариградската Патријаршија и Бугарската Православна Црква, како и желбата за продолжување на дијалогот, единството и зацврстувањето на црковните врски меѓу двете помесни Цркви.

„И иако во различни временски периоди — поради зависта и дејството на лукавиот — имало вознемирувачки колебања во нашите меѓуцрковни односи, секое од нив крајно болни, обично поради вонцрковни фактори и вмешувања, мерката на Христовата љубов ни најмалку не беше нарушена, а душевната врска меѓу нас никогаш не престана да постои! ’Едни на други сме членови’, неразделно и нераскинливо соединети во заедничката вера и исповед, преку заедничкото светодуховно искуство и заедничката надеж за вечниот живот и спасението во Христа! И ’кој ќе нè оддели од љубовта Божја: жал ли, мака ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли, или меч?’ Заедно со апостол Павле сме уверени дека ’ни смрт, ни живот,… ни сегашност, ни иднина, ни височина, ни длабочина, ниту која било друга твар нема да може да нè оддели од љубовта Божја во Христа Исус, нашиот Господ’ (Рим. 8, 35; 38–39)“ – рече патријархот Вартоломеј и додаде дека „непрестајните молитви и застапништвото пред нашиот Бог од страна на Пресвета Богородица, чиј Собор денес го празнуваме, како и молитвите на свети Фотиј Велики, на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, Борис, Енравота, Климент Охридски, Наум Преславски, Теофилакт Бугарски, Евтимиј Трновски, Јован Рилски и на сите други наши заеднички светии и небесни закрилници, по онаа бурна голема радост во 1945 година — односно обновувањето на нашето црковно општење преку укинувањето на болната схизма за време на блаженоупокоениот наш претходник, Вселенскиот патријарх Венијамин — и подоцна, до целосното канонско признавање на патријаршиското достоинство на Пресветата Бугарска Црква при патријархот Атинагора“.

Патријархот Вартоломеј го привлече вниманието и на фактот дека ликот на свети Јован Рилски ќе биде прикажан на бугарските евро-монети што ќе се користат од 1 јануари 2026 година, за што известивме, оценувајќи го тоа како сведоштво за верата во Христа во нашето совремие.

„Радосно изненадување кај секој од нас предизвика фактот дека евро-монетите на вашата земја ќе го носат релјефниот лик на свети Јован Рилски! Тоа на најсвечен начин сведочи и ја нагласува нераскинливата врска на бугарскиот народ со нашата света православна вера! Во исто време, тоа дава и силно сведоштво дека економијата не може да се разбира самостојно и да се движи од алгоритми и студени пресметки, туку треба да ја има за појдовна точка божествената Икономија — Домостроителството на љубовта и почитта кон човекот, чие предназначение не е само задоволување на земните потреби, туку осветување и обожување по благодат! Човечките работи не функционираат во полза на вистинскиот интерес на човекот кога се развиваат без почитување на духовните вредности“ – рече патријархот Вартоломеј.

Бугарскиот патријарх Даниил исто така ги истакна длабоките вековни врски меѓу Бугарската Црква и Цариградската патријаршија, велејќи: „Во времиња како сегашните, кога беззаконието се умножува до непрепознатливост, кога повторно ’се бунтуваат народите и… замислуваат суетни работи’ (Пс. 2, 1) против волјата Божја, кога гледаме како човечкиот живот и достоинството на човечката личност сè повеќе се обезвреднуваат и целиот наш свет е потресен од разорните сили на мракот, Православната Црква е должна уште повисоко да го издигне својот глас во заедничко сведоштво за светлината и мирот што Христос ни ги донесе со Своето раѓање, за Новиот Божји Завет на љубовта што Тој ни го остави, за она потресувачко и преобразувачко покајание кон кое нè повика во деновите на Својот земен живот и, на крајот, за онаа победа со која Тој еднаш и засекогаш го погази злото и смртта и во која нè направи учесници и благовесници на Евангелието на Царството Божјо“.

На крајот од своето слово, патријархот Даниил ја објави и одлуката на Светиот Синод на Бугарската православна црква да му подари честичка од моштите на светиот патријарх Евтимиј Трновски на Патријархот Вартоломеј, посакувајќи: „По молитвите и небесното застапништво на Пресветата Божја Мајка, на светиот, славен и победоносен Христов воин Георгиј и на сите кои засветлиле во светост дивни Божји угодници, Божјиот мир и Неговата голема милост да бидат со сите нас!“. Тој му подари и патријаршиски инсигнии —панагија, енколпија и крст — на патријархот Вартоломеј, кој пак му подари на патријархот Даниил епископски жезол.

Духовната свеченост заврши со многулествие за двајцата претстоители, по што патријархот Даниил ја раздаде нафората и ги благослови сите присутни православни христијани.

Моменти от съборната света Литургия във Вселенската патриаршия - 26.12.25 г. Моменти от съборната света Литургия във Вселенската патриаршия – 26.12.25 г.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/tarzhestvena-patriarsheska-liturgia-na-praznika-sabor-na-pre