Сослужување на митрополитите Волаколамски Антониј и Лемесоски Атанасиј на Кипар

Фотографија: mospat.ru

На 19 мај 2024 година (во неделата на мироносиците), претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, Волаколамскиот митрополит Антониј (кој се наоѓа во посета на Кипар, за што известивме) зеде учество во прославата по повод осветувањето на храмот „Св. Николај“ во Лимасол (Лемесос). Храмот е изграден за потребите на локалната рускојазична заедница.

Митрополитот Антониј началствуваше со чинот на Големо осветување на храмот. На чинот молитвено присуствуваа Лемесоскиот митрополит Атанасиј (надлежен архијереј од Црквата на Кипар) и Востроскиот митрополит Тимотеј (од Ерусалимската патријаршија). Потоа тројцата архијереи отслужија Литургија. На Литургијата им сослужуваа свештенослужители од Руската црква и од Кипарската црква. Богослужбите се одвиваа на грчки, на црковнословенски и на арапски јазик.

Во храмот беа присутни амбасадорот на Руската Федерација во Република Кипар и многубројни рускојазични жители на Кипар.

Во своето обраќање, Лемесоскиот митрополит Атанасиј Му заблагодари на Господ Бог и на Неговиот угодник, светителот и чудотворец Николај, за успешното завршување на повеќегодишниот труд околу подигање на неговиот храм. Тој му изрази длабока благодарност на Светејшиот Патријарх Московски и на сета Рус Кирил за постојаното внимание околу оваа изградба и за тоа што за осветувањето на храмот испрати висока делегација, предводена од претседателот на Одделот за надворешни врски. Митрополитот Атанасиј изрази увереност дека новоподигнатиот храм ќе ги обединува верниците од различни националности, во молитвите и во Светите тајни, па со тоа ќе придонесуваат за зајакнување на единството на Православието.

Во своето обраќање, Волаколамскиот митрополит Антониј му заблагодари на Митрополитот Атанасиј за неговата татковска грижа за рускојазичното паство во Лимасол (Лемесос). При тоа, тој нагласи дека и паството, од своја страна, му возвраќа на владиката со искрена љубов и со почит, вклучително и за неговата цврста приврзаност кон свештените канони на Црквата. Лемесоскиот митрополит Атанасиј е еден од кипарските архијереи, кој не ја признава и не сослужува со Православната црква на Украина (ПЦУ).

Митрополитот Антониј им изрази благодарност на сите многубројни донатори, благодарение на кои беше подигнат храмот. Потоа, тој го објави патријаршискиот указ за награда на старешината на храмот, протојереј Павел Поваљев, кој е одликуван со орден на Руската православна црква (орден на преподобен Серафим Саровски, од трет степен). Митрополитот Антониј му го врачи одликувањто, а исто така му врачи и граден крст. Протојерејот Павел е одликуван поради заслуги за подигањето на овој храм.

Извор: https://mospat.ru/ru/news/91801/