Сослужување на поглавари по повод именденот на Цариградскиот патријарх Вартоломеј

Божествена Литургија по повод празникот на светите апостоли Вартоломеј и Варнава, по григоријанскиот календар, денот кога својот именден го прославува Цариградскиот патријарх г.г. Вартоломеј, беше отслужена на 11 јуни 2026 година, во Митрополитскиот храм „Успение на Пресвета Богородица“ на островот Имброс (Ѓокчеада), во Турција.

Со Цариградскиот патријарх сослужуваа патријарсите на Романија г.г. Даниел и на Бугарија г.г. Даниил, кои се наоѓаат на родниот остров на патријархот Вартоломеј за заедно да го прослават овој светол ден. Сослужуваа и митрополитите: Халкидонски Емануил,  Дерконски Апостол, Солунски Филотеј и Неврокопски Серафим.

Ова е првпат во текот на 35-те години од своето патријаршиско служење патријархот Вартоломеј да го прославува својот именден на родниот остров. Ова е за Патријархот јубилејна година, кога се навршуваат 35 години откако стои на кормилото на Цариградската Патријаршија, како и вкупно 65 години откако е во свештенички чин.

Непосредно по службата, во име на архијереите на Цариградската Патријаршија, митрополитот Емануил Халкидонски му го честитеше именденот и јубилејот на Патријархот Вартоломеј. Потоа, егзархот на Светиот Гроб во Константинопол, Архиепископот Антидонски Нектариј, го прочита писмото со честитка од Ерусалимскиот патријарх г.г. Теофил.

Свое обраќање имаше и Романскиот патријархот Даниел, кој се осврна на личноста и светскиот придонес на патријархот Вартоломеј и му упати пригодни честитки, изразувајќи ја својата братска љубов, која беше запечатена и со неговото учество во денешното сослужување. Помеѓу останатото, Романскиот патријарх истакна:

„Нашето присуство на овие свечености претставува благословена можност за зајакнување на односите на заедништво и соработка меѓу Вселенската Патријаршија и Романската Патријаршија во служењето на верните и во исповедањето на православната христијанска вера во современиот свет. Со радост се потсетуваме дека овие односи на братско заедништво меѓу двете Православни Цркви се зацврстувале низ времето и преку четиринаесетте официјални посети на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј на Романија: двапати како митрополит Халкидонски и дванаесетпати како Вселенски Патријарх“.

„Во текот на 35-те години од својата служба како Вселенски Патријарх, тој се издигна во православна личност со духовен авторитет, признат и ценет на меѓународно ниво.“

Во своето слово, патријархот. Вартоломеј се осврна на свети апостоли Вартоломеј и Варнава, како и на особено значајното присуство на поглаварите на Романската и Бугарската Црква. Воедно, тој им заблагодари на сите што дојдоа да го прослават неговиот именден – известува грчкиот црковен портал „Ортодоксија“.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/oikomeniko-patriarxeio/sylleitourgo-prokathimenon-stin-imvro-gia-ta-onomastiria-tou-oikoumenikou-patriarxi-vartholomaiou/