На 13 август 2026 година се навршија шеесет и пет години од денот кога Цариградскиот патријарх Вартоломеј го прими првиот степен на свештенството во своето родно место Имврос. На 13 август 1961 година тој бил ракоположен за ѓакон од тогашниот митрополит Имвроски и Тенедски и негов духовен отец, Мелитон (Хаџис), во митрополитскиот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Имврос.
По повод годишнината, во истиот храм беше отслужена света архијерејска Литургија со која началствуваше Цариградскиот патријарх Вартоломеј во сослужение со папата и патријархот Александриски и на сета Африка Теодор II и архиепископот Тирански, Драчки и на цела Албанија Јован. Сослужуваа и митрополитите: Халкидонски Емануил, Гвинејски Георгиј, Филаделфиски Мелитон и Мирски Хризостом на Цариградската Патријаршија.
Пред 65 години
Во неделата на 13 август 1961 година, тогаш младиот, само 21-годишен Димитриос Архонтонис, третото од четирите деца на Христос и Меропи Архонтонис, го примил првиот степен на свештенството – ѓаконскиот чин, во Соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во неговото родно место Имврос, од рацете на митрополитот Имвроски и Тенедски, подоцна Илиуполски и Тирски, а потоа старец Халкидонски Мелитон.
При ракополагањето го добил името Вартоломеј, во чест и спомен на имвроскиот Вартоломеј Кутлумушки, кој бил значајна црковна личност, коректор и издавач на Минеите и на други богослужбени книги.
Оттогаш започнува служењето на патријархот Вартоломеј. Неговото ракополагање во свештенички чин се извршило во 1969 година, по што следувало неговото произведување во архимандритски чин, сè до 1973 година, кога бил ракоположен за митрополит Филаделфиски.
По упокојувањето на блаженоупокоениот митрополит, старец Халкидонски Мелитон, во 1990 година едногласно бил избран за негов наследник, а во октомври следната година бил избран за Цариградски патријарх.
















Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/oikomeniko-patriarxeio/sylleitourgo-prokathimenon-stin-imvro-gia-tin-epeteio-65-eton-ierosynis-tou-oikoumenikou-patriarxi/ и: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/78066-istoriko-sylleitourgo-prokathimenon-imvro-foto

