Црногорскиот Митрополит Јоаникиј на прослава на светиот маченик Гавриил во Полска

Во Соборниот храм „Свети Николај“ во Бјалисток, Полска, на 22 септември, беше отслужена света архијерејска Литургија по повод празникот Пренос на моштите на светиот маченик и младенец Гавриил.

Со Литургијата началствуваше архиепископот Цетињски и митрополит Црногорско-приморски г. Јоаникиј од Српската Православна Црква, во сослужение со архијереите на Полската Православна Црква: архиепископот Лублински и Холмски Авел, архиепископот Бјалисточки и Гдањски Јаков, архиепископот Бјелски Григориј, епископот Лоѓски и Познањски Атанасиј, епископот Супраслски Андреј и епископот Семјатички Варсонофиј.

По Литургијата, архијереите, свештенството и верниот народ тргнаа во литија со моштите на свети Гавриил околу храмот.

По отпустот, на присутните им се обратија домаќинот, архиепископот бјалисточки и гдањски Јаков, и митрополитот Јоаникиј. По тој повод беа разменети пригодни подароци, а архиепископот Јаков му подари на митрополитот Јоаникиј икона на свети Гавриил со честичка од неговите мошти.

Во своето беседење митрополитот Јоаникиј истакна дека светиот маченик младенец Гавриил со своето страдање ја изобразил Христовата жртва и распнување и станал заедничар во Христовото страдање.

„Ако има светец кој со својата жртва ја изобразил Христовата жртва и Христовото распнување, тоа е маченикот младенец Гавриил. Тој во своето најрано детство се искачил на Христовата Голгота и со Христа бил распнат. А светиот апостол Павле и искуството на Црквата сведочат дека оние кои заедно со Христа се распнуваат и кои во овој живот ја доживуваат неговата смрт, со неговата смрт се соединуваат, ќе наследат да бидат заедничари во Христовото воскресение.“

Тој укажа и на значењето на сведочењето за единството на Божјата Црква, особено во современото време, обележано со кризи и раздори меѓу народите.

„Секогаш било исклучително важно да сведочиме за единството на Божјата Црква, а особено денес, кога целиот свет е во големи кризи и кога тие кризи и раздори меѓу народите на некои места го допираат и самото тело на Божјата Црква.“

Митрополитот Јоаникиј изрази посебна радост поради братските врски со Полската Православна Црква, потсетувајќи дека православните Полјаци доаѓаат на поклонение на светите места во Црна Гора, особено на моштите на свети Василиј Острошки. Тој додаде дека за време на престојот во Полска имал можност да ја види братската љубов меѓу нејзините архијереи и живата црковна заедница.

Во текот на посетата на Полска Митрополитот Јоаникиј имаше средба со градоначалникот на Бјалисток и претставници на градската управа и присуствуваше на промоцијата на фотомонографијата „Бои на православието – Црна Гора“, петнаесеттото издание на меѓународниот проект „Бои на православието“.

Извор: https://mitropolija.com/2026/09/22/u-bjalistoku-proslavljen-praznik-prenosa-mostiju-svetog-mucenika-i-mladenca-gavrila/