Сослужување по повод престолниот празник на храмот на Подворјето на Српската Црква во Москва

На празникот на светите славни и сефални Првоврховни Апостоли Петар и Павле, на 12 јули 2025 година, во Подворјето на Српската Православна Црква во Москва се одржаа свечености по повод престолниот празник – храмовната слава.

Божествената Литургија во Петропавловскиот храм ја отслужија: Високопреосвештениот митрополит волоколамски г. Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, Високопреосвештениот митрополит филипополски г. Нифонт, претставник на Патријархот на Антиохија и целиот Исток при Патријархот на Москва и цела Русија, Преосвештениот епископ ремезијански г. Стефан, старешина на Подворјето на Српската Православна Црква во Москва. Служеа и: протојереј Николај Балашов, советник на Патријархот на Москва и цела Русија; архимандрит Серафим (Шемјатовски), претставник на Православната Црква на Чешките Земји и Словачка при Московскиот патријаршиски престол; протојереј Игор Јакимчук, заменик-претседател на Одделот за надворешни црковни односи; протојереј Сергеј Гутенко, старешина на храмот на Блажената Ксенија Петроградска во Луганск; протојереј Милан Пантелиќ, брат на блаженоупокоениот епископ Антониј, некогашен старешина на Подворјето (2002–2024) и клирик на Шабачката епархија, како и свештенството на парохијата.

На богослужбата присуствуваа министерот за култура на Република Србија г. Никола Селаковиќ и министер-саветникот на Амбасадата на Република Србија во Москва г-ѓа Гордана Божиќ.

По завршувањето на Литургијата беа осветени славските дарови, а свештениците и хорот ги отпеаја тропарот и кондакот. Потоа митрополитот Антониј го освети крстот на гробот на епископот Антониј (Пантелиќ), кој се наоѓа покрај Петропавловскиот храм. По повод храмовната слава беше одржана и литија. По службата, претседателот на Одделот за надворешни црковни односи, во име на Неговата Светост Патријархот на Москва и цела Русија г. Кирил и во свое име, им ја честиташе славата на сите присутни. Митрополитот Антониј посебно ги истакна добрите односи помеѓу Руската Православна Црква и Српската Православна Црква и нивните поглавари, патријарсите Кирил и Порфириј.

Во своето поздравно слово, епископот Стефан се заблагодари за заедничката молитва на празничниот ден на Подворјето и го замоли митрополитот Антониј да му ги пренесе зборовите на благодарност и искрените добри желби на Неговата Светост Патријархот г. Кирил.

„Денес целиот свет поминува низ многу тешкотии и искушенија. Како и во древните времиња, христијаните се изложени на прогони и напади. Неодамна се случи трагедија во храмот во Дамаск и заедно со вашата Црква ги оплакуваме жртвите и се молиме за оздравување на повредените. Постојани напади врз православните христијани се случуваат и во Украина и на Косово. Нашата заедничка молитва за жртвите и повредените ни помага да ги надминеме сите неволји и да продолжиме да ја носиме Христовата светлина во светот, просветлувајќи нè сите“ – порача владика Стефан.

Извор: http://serbskoe-podvorie.ru/news/4522/