Сослужување со Бугарскиот патријарх

На 8 ноември, кога според новиот календар се празнува споменот на светиот Архангел Михаил, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Струмички г. Наум му сослужуваше на Неговата Светост Патријархот Бугарски г.г. Даниил на светата архијерејска Литургија во градот Гоце Делчев, во југозападниот дел на Бугарија. На Литургијата сослужуваше и надлежниот архијереј, Високопреосвештениот Неврокопски Митрополит г. Серафим и Преосвештените Епископи на Бугарската православна црква: Адријанополскиот г. Евлогиј – игумен на Рилскиот манастир, Браничкиот г. Пахомиј – прв викар на Софискиот митрополит.

На крајот на светата Литургија, патријархот Даниил прочита заупокоена молитва во спомен на Неврокопскиот митрополит Борис, свирепо убиен на 8 ноември 1948 година во селото Коларово, Петрич, кој оставил длабока трага во духовниот живот и устројство на Неврокопската епархија. Тој се погрижил исклучително многу за воздигнување на храмови, образование на свештенослужители и помагање на развојот на духовниот живот во пределите на Неврокопската епархија, и не случајно е наречен и „Совест на Бугарската црква”. Митрополитот Борис е родум од с. Ѓавато, Битолско, а Синодот на Бугарската црква во 2016 донесе одлука за почнување на процес за негово вбројување помеѓу светителите.

На крајот од богослужбата Неврокопскиот митрополит Серафим му се заблагодари и на митрополитот Наум, велејќи: „Му благодарам особено и на Неговото Високопреосвештенство Струмичкиот митрополит Наум, нашиот сакан сосед од западната наша граница, кој дојде од Црквата во Северна Македонија заедно со своите сослужители. Ова е нашето прво сослужување заедно тука во нашата епархија со архијереи од Македонската православна црква”, рече митрополитот Серафим.

Празничниот ден продолжи со водосвет и поставување темел за нова повеќенаменска зграда во дворот на Неврокопската митрополија.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/patriarsheska-sveta-liturgia-za-praznika-sabor-na-sveti-arha