На 30 март 2025 година, во Четвртата недела од Великиот пост, претседателот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, Митрополитот Волоколамски Антониј, кој по благослов на Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус Кирил се наоѓа во Јапонија, сослужуваше на Божествената Литургија со Претстојателот на Јапонската Автономна Православна Црква, Архиепископот Токиски и Митрополит на цела Јапонија Серафим, во храмот на Христовото Воскресение, во Токио.
Богослужбата беше на јапонски, црковнословенски и англиски јазик.
По Литургијата, митрополитот Серафим го поздрави митрополитот Антониј, посебно нагласувајќи ја важноста на зацврстувањето на врските помеѓу Јапонската Црква и Мајката-Црква, истакнувајќи дека посетата на претседателот на Одделот за надворешни црковни односи има посебно значење во овој контекст.
Во својот одговор, Митрополитот Антониј му се заблагодари на Претстојателот на Јапонската Православна Црква за неговите љубезни зборови и гостопримството, пренесувајќи го благословот на Неговата Светост Патријархот Кирил до сите присутни верници.
Исто така, митрополитот Антониј му го честиташе роденденот на митрополитот Серафим и му подари света панагија како молитвен спомен. На Воскресенската црква, пак, ѝ подари престолен крст.
За време на работната средба што следуваше, митрополитот Антониј и митрополитот Серафим разгледаа неколку важни прашања.
Истата вечер, Митрополитот Антониј се сретна со настојателот на Подворјето на Руската Православна Црква во Токио, протојереј Николај Кацијубан.










