Катедралата на Руската задгранична Православна Црква во Лондон беше место на величествена сослужба во неделата на раслабениот, на 11 мај, кога беше отслужена Божествена Литургија на која сослужуваа архијереите на Светиот синод на таа црква и локалниот архијереј од Антиохиската Патријаршија.
Богослужбата во катедралата „Рождество на Пресвета Богородица и свети Царски Маченици“ ја предводеше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Источноамерикански и Њујоршки Николај, претстоител на Руската задгранична Православна Црква. Сослужуваа и Митрополитот Берлински и Герамански Марко, Архиепископот Монтреалски и Канадски Гаврил, Епископот Лондонски и Западноевропски Иринеј, Епископот на Сиетл Теодосиј и епископот Штутгартски Јов од Штутгарт, членови на Светиот Синод на Руската задгранична Православна Црква. Богослужбата го означуваше завршетокот на велигденската сесија на Светиот синод, која се одржа во Лондон, известува Епархијата на Велика Британија и Западна Европа.
На Литургијата учествуваа и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Силуан од Британските Острови и Ирска од Антиохиската Патријаршија, заедно со други свештеници од оваа црква. Службата се одвиваше на црковнословенски, англиски и арапски јазик.
Богослужбата беше благословена и со присуството на чудотворната Курско-Коренска икона на Пресвета Богородица, која се смета за заштитничка на руската православна дијаспора.
По Литургијата, Митрополитот Николај одржа беседа за евангелското читање за раслабениот, во која ги повика верните: „Да сфатиме дека сите ние, одвреме-навреме, имаме потреба од помош и грижа и да бидеме подготвени да ја примиме таа помош од нашите браќа и сестри, а понекогаш и директно од милосрдниот Бог.“
Потоа, сестринството на храмот „Св. Ксенија“ приреди свечен ручек, на кој децата од овој храм настапија со музичко-поетска програма.





Извор: https://orthodox-europe.org/content/synodal-liturgy-in-london/