Собранието на православни епископи на Бенелукс се собра по 31-ви пат во седиштето на Белгиската Митрополија на Цариградската Патријаршија, во Брисел, во вторник, на 4 ноември 2025 година – се известува на интернет страницата на Собранието. Ова Собрание е основана со одлука на 4-тата Предсоборска конференција, свикана во Шамбези, Женева, во јуни 2009 година.
На средбата претседаваше Високопреосвештениот митрополит Белгиски г. Атинагора од Цариградската Патријаршија, со учество на: Преосвештениот епископ Домодедовски г. Симеон од Архиепископија на православните парохии од руска традиција во Западна Европа при Московската Патријаршија, Преосвештениот епископ Западноевропски г. Јустин од Српската Патријаршија, Високопреосвештениот митрополит Германски и Централноевропски г. Серафим од Романската Патријаршија, Преосвештениот епископ Белгиски г. Доситеј од Грузиската Патријаршија, Преосвештениот епископ Аполонијадски г. Јоаким – помошен епископ на Белгиската Митрополија на Цариградската Патријаршија, и Преосвештениот епископот на Њамц г. Марко, претставник на Високопреосвештениот Митрополит Западно и Јужноевропски г. Јосиф од Романската Патријаршија.
Во соопштението од Собранието се вели дека архијереите разговарале за признавањето на одредени парохии од страна на белгиската држава и за напредокот на секој предмет поединечно. Исто така, имале можност да се информираат за текот на соработката меѓу белгиската држава и признатите религии.
Епископите-членови на Собранието на православни епископи на Бенелукс – ги разгледале тешкотиите што се појавија во врска со организирањето на православните свештеници при Министерството за одбрана на Белгија и изразиле надеж дека пречките на крајот ќе бидат надминати.
Тие, исто така, биле информирани за успешното одржување на Летниот младински камп во Холандија, како и за Средбата на православната младина на Бенелукс, која се одржа во Белгија во октомври годинава. Епископите ја изразуваат својата поддршка и охрабрување за натамошна соработка меѓу младите од сите парохии, за нивна духовна корист.
Во однос на православните свештеници во затворите во Белгија и Холандија, епископите се информирани за последната средба на затворските свештеници во овие две земји, како и за нивната иницијатива да организираат настани насочени кон подобрување на нивната поддршка во областа на затворите.
Со интерес се информираа за можноста за воведување на предмет по православна веронаука во основните училишта во Холандија и ја оценија како позитивен развој во овој домен. Дополнително, информирани се за извештаите на двете Теолошки институции во Белгија и Холандија и ја поздравуваат нивната соработка со Универзитетот во Лувен.
Епископите одлучија следното поклоничко патување на Собранието да се одржи во Романија, од 15 до 20 септември 2026 година.
Исто така, архиереите се информирани за напредокот на „Средбата Католици–Православни“ и за програмата што вклучува три настани во текот на годината: поклоничко патување, ден на Епископското собрание и ден за молитвено размислување.
Беа споделени, исто така, информации и новости од нивните соодветни епархии.
Следните седници на Собранието на православни епископи на Бенелукс се предвидени да се одржат на 29 јануари 2026 година (заедно со римокатолички епископи) и на 18 јуни 2026 година.
