Советот на Црквите на Блискиот Исток ги осудува страдањата што Ерусалимската Патријаршија ги трпи од Израел

Советот на Црквите на Блискиот Исток го крева својот глас во поддршка на Ерусалимската Патријаршија и палестинскиот народ, јасно осудувајќи ги страдањата што ги поднесува Сионската Црква поради израелските власти.

Причина за осудата е неодамнешното замрзнување на банкарските сметки на Патријаршијата од страна на градските власти на Ерусалим (за што известивме). Според соработници на Патријархот г.г. Теофил III, на кои се повикува весникот „Тајмс оф Израел“, одлуката е поврзана со спорот околу данокот на недвижности „Арнона“.

„Актот на властите да ги замрзнат банкарските сметки на Православната Патријаршија во Ерусалим претставува напад врз нејзините верници и врз палестинскиот народ во целина. Овој чин ја парализира можноста на црковните институции да функционираат нормално и да му служат на народот, лишувајќи го од помош во период кога таа му е апсолутно неопходна, имајќи ги предвид нечовечките услови што ги преживува палестинскиот народ поради постојаната војна против него“, се наведува, меѓу другото, во соопштението на Советот на Црквите на Блискиот Исток.

Исто така, Советот, во кој Ерусалимската Патријаршија има основачка улога, нагласува дека „палестинскиот народ во Газа претрпува геноцид и уништување на својата земја, што неизбежно води кон етничко чистење“.

Паралелно, Советот ја повикува меѓународната заедница веднаш да интервенира, да го побара почитувањето на меѓународното право и да го заштити христијанското присуство во земјата каде што се роди и воскресна Христос.

Заклучувајќи, Советот на Црквите на Блискиот Исток зборува, меѓу другото, за „економско гушење“ кое „доаѓа по децении директни напади и конфискации на имоти на Патријаршијата во повеќе области на Палестина“.

Целосното соопштение на Советот на Црквите на Блискиот Исток:

Советот на Црквите на Блискиот Исток, кој ја вклучува благословената Православна Ерусалимска Патријаршија како основачки и главен член на својата структура, силно ги осудува страдањата што Патријаршијата со децении ги трпи од окупацијата, поради прекршувањата и неправдите врз нејзиниот народ и институции.

Дејството на властите да ги замрзнат банкарските сметки на Православната Патријаршија во Ерусалим претставува напад врз нејзините верници и врз палестинскиот народ во целина. Овој чин ја парализира можноста на црковните институции да функционираат нормално и да му служат на народот, лишувајќи го од помош во период кога таа му е апсолутно неопходна, имајќи ги предвид нечовечките услови што ги преживува палестинскиот народ поради постојаната војна против него.

Во исто време, палестинскиот народ во Газа претрпува геноцид и уништување на својата земја, што неизбежно води кон етничко чистење. На Западниот Брег, пак, палестинскиот народ секојдневно се соочува со напади од страна на доселеници, чија цел е протерување и спроведување на „трансфер“ што води кон елиминација на палестинското присуство и негирање на неговото право на сопствена земја, и покрај тоа што ова право е признато од Обединетите нации и од меѓународните конвенции.

Советот на Црквите на Блискиот Исток, кој од своето основање пред половина век проповеда и работи за правда и мир, бара праведно решение на палестинското прашање и ја повикува меѓународната заедница, особено најмоќните светски екуменски организации, да побараат спроведување на меѓународните договори и почитување на меѓународното хуманитарно право, како и да извршат неопходен притисок за да се спречат окупаторските сили од реализирање на овие агресивни и деструктивни дејствија.

Ова тековно економско гушење доаѓа по децении директни напади и конфискации на имоти на Патријаршијата во повеќе области на Палестина. Овие две методи неизбежно се поврзани, а на мета е христијанското присуство, како и палестинското присуство воопшто, на земјата на Палестина – земјата на Воплотувањето, на Распетието, на Воскресението и на почетокот на спасоносната порака.

Советот на Црквите на Блискиот Исток смета дека целиот свет треба да застане обединет за спас на човештвото и на преостанатите христијани во земјата на Христос.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/patriarxio_ierosolimon/to-symvoulio-ekklision-mesis-anatolis-katadikazei-ta-deina-pou-yfistatai-to-patriarxeio-ierosolymon-apo-to-israil/