Советот за човекови права на Обединетите Нации за состојбата во Естонија

За систематски нарушувања на човековите права, вклучително и во верската сфера, се говори во прегледот на материјалите за состојбата во Естонија, разгледувани од Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите Нации за човекови права при подготовката на редовниот извештај.

Во прегледот, меѓу другото, е вклучено и излагање на претходно поднесен извештај на женевската организација за човекови права „Правда за сите“ за дискриминаторската политика што ја спроведуваат естонските власти кон канонската Православна Црква, која го носи официјалниот назив: Естонска православна христијанска црква.

Правозаштитниците посочуваат дека примената на естонското законодавство за државна безбедност, согласно член 235 од Кривичниот законик, предизвикува сериозна загриженост поради ограничување на основните права. Измените од 2019 година го прошириле ова правило, вклучувајќи нејасно формулиран поим „поддршка“ на странски организации, што овозможило да се криминализира дури и припадноста кон канонски верски заедници.

Оваа нејасност во формулацијата придонела за нетранспарентност во судските постапки, што е во спротивност со членовите 9 и 14 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и член 6 од Европската конвенција за човекови права, поткопувајќи ја законитоста и правичната постапка. Според организацијата „Правда за сите“, „законодавната рамка го достигна својот врв со Законот за цркви и парохии (измени) од 18 јуни 2025 година, со кој се забранува одржување ‘духовни врски’ со странски верски власти кои се сметаат за безбедносна закана, и кој овозможува бришење на верските заедници од регистарот без судска постапка, како и исклучување на свештенството врз нетранспарентни основи“.

„Историската Црква се соочи со протерување на раководството и закана од распуштање, при што сето тоа беше оправдувано со причини на национална безбедност. Особено, Естонската православна христијанска црква продолжи да се соочува со постојани репресии од страна на законодавните, административните и извршните органи“, наведуваат авторите на документот. Меѓу повиците што правозаштитниците ги упатија до естонските власти се „укинување или суштинска измена на рестриктивното законодавство и враќање на автономијата и раководството на Естонската православна христијанска црква“.

Дополнително, се наведува дека рускојазичното малцинство во Естонија и понатаму е изложено на систематска маргинализација во различни сфери, вклучително и во прашањата на вероисповед. Особено биле предмет на притисоци верските институции што духовно ги опслужуваат рускојазичните заедници.

За да ги исполни своите обврски согласно документите за правата на малцинствата, Естонија треба да ја запре широката кампања против Естонската Православна Црква, која вклучува протерувања, одбивање дозволи за престој и исклучување од консултации за политички прашања, смета организацијата „Правда за сите“. Во извештајот се нагласува: „Враќањето на канонското раководство и заштитата на автономијата на Црквата се неопходни за верскиот идентитет да не биде подреден на променливи политички пресметки“ – известува интернет страницата на Московската Патријаршија.

Извор: https://www.patriarchia.ru/article/120650