Спасовденска литија во Белград

На 13 јуни 2024 година, на денот на Христовото Вознесение – Спасовден, во 19 часот започна голема литија по улиците на главниот град на Србија. Спасовден е градска слава на Белград, па затоа претходно, во градското собрание беше Српскиот Патријарх Порфириј. Тој таму беше пречекан од претседателот на Привремениот орган на Белград Александар Шапиќ, а потоа имаше средба со српскиот премиер Милош Вучевиќ. По средбите, во свечената сала на градското Собрание, Патријархот го отслужи чинот на осветување на славските дарови.

На почесно место во литијата беа поставени моштите на преподобен Јустин Келијски и чудотворната Богородична икона „Знамение“. Заедно со Српскиот Патријарх Порфириј, на литијата учествуваа: Митрополитот Њујоршки и Источноамерикански Николај со архијереи од Руската задгранична црква, и архијереи на Српската православна црква. Веднаш зад Патријархот, во литијата беше претседателот на Владата на Р. Србија Милош Вучевиќ, со министри и други државни претставници.

Со благослов на Патријархот, на чело на литијата, со голем крст во рацете, беше Николај Станиќ од Дервента, најдобар ученик на Богословијата „Св. Сава“ во Белград. По него одеше оркестарот на полицијата. Поминувајќи ги улиците „Кнез Милош“ и „Крал Милан“, литијата застана на плоштадот „Славија“. Таму Патријархот Порфириј прочита зачало (дел) од Евангелието. Потоа, литијата продолжи до храмот „Св. Сава“ на Врачар, каде беше отслужен акатист кон преподобниот Јустин Келијски пред неговите свети мошти. По завршувањето на акатистот, на присутните, со беседа им се обрати Српскиот Патријарх Порфириј.

Извор: https://spc.rs/patrijarh-porfirije-sluzio-svecani-slavski-cin-u-skupstini-grada-beograda/ https://spc.rs/desetine-hiljada-beogradjana-u-spasovdanskoj-litiji/