Светиот архијерејски синод на Српската Православна Црква на 10 јули 2026 година објави соопштение во кое остро реагира на пресудата на Окружниот суд во Љубљана, со која на Неговата Светост, Српскиот патријарх Порфириј, и на Црковната општина на Српската Православна Црква во Љубљана им е изречена условна казна затвор од четири месеци со рок на проверка од една година, како и условна парична казна од 10.000 евра.
Во соопштението Синодот наведува дека пресудите биле донесени по скратена постапка, на предлог на Окружното државно обвинителство во Љубљана, при што ниту патријархот Порфириј, ниту неговиот полномошник, не биле известени дека воопшто е поведена судска постапка.
Според Синодот, обвинителството никогаш не го повикало Патријархот да се изјасни за наводите од обвинението, што го оценува како преседан кој, според нив, укажува на вистинската намера на судската постапка.
Во реакцијата се изразува загриженост и поради тоа што информации за процесот се појавиле во одредени српски медиуми непосредно пред овогодишното заседание на Светиот архијерејски собор. Од Синодот сметаат дека тоа било дел од, како што наведуваат, медиумска кампања насочена против Српската Православна Црква и нејзиниот поглавар.
Синодот наведува дека станува збор за уште една во низата тужби што против Српската православна црква ги поднесувал расчинетиот свештеник Жељко Лубарда. Во соопштението се потсетува дека неговото дејствување било разгледувано повеќепати и од Светиот архијерејски синод и од Светиот архијерејски собор, уште пред Патријархот Порфириј да биде избран за митрополит на Загрепско-љубљанската митрополија.
Повикувајќи се на мислења на правни експерти, Синодот оценува дека словенечкото обвинителство и суд не ги зеле предвид канонските и уставните права на надлежниот епископ во однос на поставувањето и преместувањето на парохиските свештеници. Според нив, со пресудите се прекршени Спогодбата за правниот статус на Српската Православна Црква – Загрепско-љубљанската митрополија, Законот за верските слободи, задолжителното мислење на Уставниот суд на Република Словенија, како и основните принципи на правната држава.
На крајот од соопштението, Светиот архијерејски синод наведува дека го замолил Патријархот Порфириј да не поднесува приговор на пресудите и да не учествува во понатамошната постапка, која ја оценува како „кафкијански процес“ насочен против угледот, устројството и достоинството на Српската православна црква и нејзиниот поглавар.
