Првото опширно интервју со Неговата Светост Бугарскиот Патријарх и Софиски Митрополит г.г. Даниил излезе во посебно издание на официјалното списание на Бугарската православна црква – „Црковен весник“, на 19 јули годинава. Главниот уредник на весникот, Александра Карамихалева, разговараше со новиот поглавар на Бугарската црква, Патријархот Даниил – за мислите со кои го примил својот избор, за приоритетите во неговата служба, за Бугарската православна црква (БПЦ) и предизвиците на нашата време, за улогата на Црквата во општеството, за односите на Бугарската православна црква со другите помесни цркви и со државната власт и за главната мисија на Црквата.
Патријархот Даниил е роден во 1972 година во градот Смолен, каде што завршил основно и средно образование. Во 1996 година започнал студии по англиска филологија на Софискиот универзитет, но веќе следната година се префрла на Богословскиот факултет на истиот универзитет. Во 1997 година е примен за послушник во Хаџидимовскиот манастир „Св. Георги“ под духовно раководство на тогашниот Неврокопски Митрополит Натанаил. Во 1999 година е замонашен и ракоположен за јероѓакон. Во 2002 година дипломира на Богословскиот факултет, а во 2004 година е испратен на послушание во Роженскиот манастир „Рождество Богородица”, каде е ракоположен за јеромонах. Во 2008 година е избран и ракоположен за епископ и поставен за викар на Неврокопскиот Митрополит. Во 2010 година, на барање на Митрополитот на САД, Канада и Австралија Јосиф е назначен за негов викар, па од 2011 до 2018 година живее и служи во САД. Во 2018 година е избран за Видински Митрополит, а во 2024 е избран и востоличен за Бугарски Патријарх.
Во продолжение во целост го пренесуваме спомнатото интервју со Неговата Светост Патријархот Даниил.
– Ваша Светост, ако се вратите мисловно на 30 јуни, денот на Вашиот избор и устоличување за Патријарх Бугарски, за што би рекле: Слава Му на Бога?
– По изборот на тројцата кандидати од Светиот Синодот многумина го прифатија овој избор како одговор на нивните молитви, бидејќи повеќе од еден месец многу православни христијани од целата земја секојдневно се молеа и го читаа „Молитвениот канон кон Пресвета Богородица“. Кој од тројцата кандидати и да беше избран на патријаршискиот трон, црковните луѓе ќе го прифатеа овој избор како пројава на Божјата добра волја, како Божја милост.
А за себе ќе кажам: штом е таква Божјата волја – а Божјата волја се пројавува и преку луѓето, преку соборните органи на Црквата – штом Бог ме повикува на таква служба, со смирение и послушание ќе одговорам: „Еве ме сум Господи“ и се молам Бог да ми помага и да не ме остава, за да се слави Неговото име! Ете, за тоа велам: „Слава Му на Бога!“. Навистина, „Слава Му на Бога за сè!“
– Што од примерот на Вашите претходници на патријаршискиот престол ќе се обидете да следите? Што е тоа во нивното служење нивната служба што Ве исполнуваше со восхит?
– Имав лични впечатоци, лично општење со блаженопочинатите Патријарси Максим и Неофит – моите непосредни претходници на патријаршискиот престол. Дедо Максим ме ракоположи во епископство, со неговото слово и упатство јас ја презедов епископската служба. Се случи дедо Неофит, пак, да ме води при изборот за Видински Митрополит. Со негов благослов тргнав по тој пат и го носев тоа послушание. Она што ги карактеризираше и двајцата претстоители беше една исклучителната човечност. Исклучителна човечност! Смирение, што ги правеше да се блиску до Бога и блиску до луѓето.
Истовремено, тие со големо достоинство ја извршуваа патријаршиската служба. Сведок сум како во својство на претседател на Светиот синод, дедо Неофит, со својот избалансиран пристап и вниманието со кое пристапуваше кон секое прашање што се разгледуваше во Светиот синод, на крајот овозможуваше да се донесат добри одлуки. Одлуките што ги носи Светиот синод се важни, тие ја засегаат целата Црква, а кога се носат по постигната согласност помеѓу архијереите, тоа благотворно се одразува на сите. Патријархот Неофит со неговата кроткост, смирение, благост, со својата способност да замолчи, да не каже ништо излишно, го внесуваше овој толку потребен мир меѓу нас.
Забележително е дека и кај двајцата мои претходници тоа смирение и кроткост беа придружени со исклучителна цврстина во однос на верата. Дедо Максим ја пренесе нашата Црква преку тешките години на расколот. Само мудроста, доследноста, доблеста, смелоста и цврстината во опстојувањето на канонскиот поредок на Бугарскиот Патријарх Максим и на мноштво достојни бугарски архијереи, меѓу кои беше и тогашниот епископ Левкиски, Неофит, идниот Бугарски патријарх, ја спасија БПЦ од целосна катастрофа и уништување.
Дедо Неофит, колку и да беше физички изнемоштен на крајот, и покрај толку многу обиди за влијание од страна на моќни политички фактори во општеството, не отстапи од својата строго црковна позиција. И покрај противењата кои предизвикаа раздори и поделби меѓу одделни помесни Цркви, благодарение на цврстото и принципиелно придржување кон строго канонските позиции, Бугарската православна црква успеа да го зачува општењето со сите останати сестрински помесни православни цркви и да го зачува своето внатрешно единство и мир.
Ова е за мене и нивниот пример – тие беа носители и изразители на единството на нашата света Црква.
– Последниве години, поради усложнетата политичка ситуација, а најмногу поради усложнетите односи меѓу одделни сестрински помесни православни цркви, општењето меѓу нив е отежнато. Во текот на црковната историја цели помесни цркви, поради една или друга ситуација и причина, се отцепувале од единството на Православието. Дали мислите дека денес постои опасност од вакви поделби? И како, според вас, може да се избегне ова?
– Во пракса, во моментов има прекинато евхаристиско општење меѓу некои помесни православни цркви и тоа не може да не му нанесе болни рани на целото Тело Христово. Ете, се собираме по такви важни и радосни поводи, како што е изборот на нов патријарх, а нашата радост не е потполна. Кога има прекинати односи меѓу одделни помесни цркви, не можеме сите да учествуваме во најважното нешто – да бидеме едно во Светата Евхаристија. Не можеме да бидеме заедно околу Господовата трпеза. Тоа не може да не го вознемири црковниот живот и да не нè натажи. Недостигот на црковно општење е трагедија за секој православен христијанин. Не случајно на секоја света Литургија се молиме „за благосостојба на светите Божји цркви и за нивно единство“. Затоа, треба со сите сили да се трудиме да не ја продлабочи оваа поделба и да не се шири понатаму. Да направиме сè што зависи од нас, за надминување на овој проблем.
Што треба да правиме? Искуството на Црквата покажува дека кога доследно и упорно ќе се застане цврсто на канонските позиции, да се заштити и одбрани канонскиот поредок од новотарии, овие бури ќе поминат и мирот повторно ќе воспостави во Црквата. Друг начин нема, бидејќи во однос на ова не може да има компромис. Како што вели свети Јован Златоуст: „Името ’Црква% значи собор“. Проблемите во црковниот живот отсекогаш се решавале на соборен начин, во рамките на соборните органи на Црквата и во духот на соборноста. Истовремено, Црквата не смее да биде под влијание на конкретни конјуктурни процеси во дадена помесна Црква или во геополитички план, не смее да биде под влијание на актуелните тенденции во политиката, туку треба да бидеме свесни за нејзината возвишена мисија. Да помниме дека Господ ни заповедал да сведочиме за Него, за Неговиот мир и да ги водиме човечките души што ни се доверени од Него кон спасение. Тоа е нашата мисија. Не да предизвикуваме превирања и поделби во Црквата. Ако нема братољубие, ако дозволиме да нè води духот на раздорот и поделеноста, на омразата, на гордоста, тогаш ние се оддалечуваме од Бога, од Неговиот мир, од единството во Христа.
Начинот да останеме во Православието и во единството на Црквата е да се следи канонскиот поредок, да нема извитоперено или тенденциозно толкување на основните одредби кои ги регулираат односите меѓу Помесните Цркви. Не треба да ги повторуваме грешките што некои помесни цркви ги направија во минатото, та отпаднаа од единството на Православието. Конкретен пример за тоа е Римокатоличката црква, којашто по поделбата воведе новотарии во догматските вистини на верата и во канонскиот поредок во Црквата.
– Кои се начините за враќање кон единството и дали е можно тоа да се воспостави повторно?
– Враќање кон единството е можно кога ќе има враќање кон она што од почетокот го исповедаа сите во Православната црква. Можно е, кога ќе се вратиме во единството на верата, на почитувањето на правилата на црковниот живот, на правилата во меѓусебните односи помеѓу одделните помесни цркви и помеѓу архијереите. Тогаш нема да има пречка да повторно да се воспостави ова единство. Тешкотијата доаѓа кога човек треба да се смири, да отстапи од својата гордост. Зачекорил ли еднаш по тој пат на гордо самовозвишување, особено ако е на висока позиција – тешко да се повлече, да ја признае својата грешка и да се покае. Уште потешко е кога поминало толку време и се натрупале работи кои ја усложнуваат и продлабочуваат разделбата. Но, ништо не е невозможно за Бога, и ние мора да бидеме подготвени да го поддржиме секој обид повторно да се воспостави прекинатото општење.
– Во последно време многу се зборува за „разединување“. Во Црквата, но и во општеството и помеѓу нас, на личен план. Што всушност нè разделува? Што ни недостасува за да бидеме обединети?
– Сè почнува од верата. Што нè учи верата? Нашата вера е многу конкретна и има конкретни димензии во нашето секојдневие. Во Символот на верата ги исповедаме вистините за Троединиот Бог, за Едната Света Соборна и Апостолска Црква, за воскресението на мртвите – тоа се основните вистини на нашата вера. Но, во исто време, верата нè учи како практично да истраеме во општењето, во нашето соединување со Бога, како животот којшто Господ Исус Христос го донесе и ни го дава за да оживее и нашите срца, што да правиме за да се очистат нашите срца од страстите и таму, малку по малку, да се воведе радоста за која св. Павле вели: „Царството Божјо не е јадење и пиење, туку радост во Светиот Дух.“
За многумина, зборовите на свети Серафим Саровски за целта на христијанскиот живот – „Да се стекне благодатта на Светиот Дух“ – се далечни, апстрактни, но верата нè учи што треба да правиме за да го постигнеме тоа.
Верата нè учи како да го победиме нашиот егоизам, нашето самољубие, зависта, омразата… и како да сме истрајни во молитвата. Свети апостол Павле вели „молете се непрестајно“ (1Сол. 5, 16). Дали сме ги чуле овие негови зборови? Дали сме ги усвоиле? Или зборовите: „Царството Божјо не е јадење и пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух“ (Рим. 14, 17)? Ја бараме ли оваа радост, и како да ја најдеме? На сето ова нè учи верата. Затоа велам дека нашата вера е многу практична и има димензии во нашето секојдневие. Таа нè учи како да пребива во нас Божјата благодат, за „да бидеме сите едно“ (сп. Јован 17, 21), според првосвештеничката молитва на Господ Исус Христос.
– Ако ја стекнеме благодатта на Светиот Дух и плодовите на Духот – љубовта, радоста, мирот, долготрпението, благоста, милосрдието, верата, кротоста, воздржанието (Гал. 5, 22-23) и во нашите односи сè е добро, ќе имаме ли мир и радост во животот?
– Се разбира. Господ ни рече: „Барајте го најнапред царството Божјо и Неговата правда, и сето тоа ќе ви се додаде“ (Мт. 6, 33) Зошто сме толку збунети, разединети, очајни? Затоа што не веруваме во овие основни зборови што ни ги кажа Бог, не ги слушаме, не размислуваме за нив, не ги прифаќаме со вера, не ги применуваме на дело, не ги живееме, и затоа врската со Бог е прекината. Бидејќи, што вели Тој? – „Ако некој Ме љуби, ќе ги пази Моите зборови“ (Јн 14, 23). А ако не ги запазиме Неговите зборови и не ги живееме – тогаш не ја исполнуваме најважната заповед – „љуби Го Господа, својот Бог“ и сличната на неа – „љуби го ближниот свој како себеси“. Ако ја запазиме оваа заповед за љубовта, нема да сме разединети, затоа што во ближниот ќе го гледаме образот Божји. Кога внимаваме на нашата совест, ги гледаме нашите грешки кон другиот, совеста ни покажува каде грешиме, та се појавуваат овие противречности, недоверба, отуѓеност помеѓу нас.
Склони сме да ја гледаме вината кај другите и нив да ги обвинуваме, но ако ја испитаме нашата совест, ќе разбереме со што ние сме дале повод за поделбата, ќе ја видиме својата лична одговорност, за да се покаеме и да се ослободиме од сè што ни пречи да имаме радост. Што нè спречува да имаме радост?
– Ни попречуваат: зависта, гордоста, суетата во нас, нашето маловерие раѓа стравови…
– Точно така. Тие се во нас и од нас зависи да се ослободиме од нив и тогаш нашата радост ќе биде потполна. Овие страсти ни пречат да искусиме радост, бидејќи може околу нас сите да се радуваат, но ако во нас има, на пример – завист, таа не ни дозволува да ја вкусиме радоста што ги обзема другите луѓе.
Значи, ние треба да се трудиме да ја надминеме оваа слабост во нашата душа, да ја излечиме со благодатта на Светиот Дух. На сето тоа нè учи верата Христова.
А ако ја следиме верата на која нè учи ѓаволот – верата на гордоста, верата во самите себе, во сопствените сили, ако ја следиме верата во измислените човечки вредности, во благосостојбата тука на земјата, тогаш таа вера нема да нè доведе ниту до обединување, ниту до радост ниту до мир. Таквата вера е суетна, празна и не дава добри плодови.
– Дедо Јосиф во своето слово од името на Светиот синод Ви обрна внимание на тоа дека Ваше паство, Ваша грижа и одговорност се сите кои се надвор од оградата на Црквата – некрстените, но и крстените, а невоцрковени христијани, какви што се мнозинството православни Бугари. Како планирате да допрете до нивните умови и срца и да ги придобиете за Господа?
– Па, „По тоа сите ќе знаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јн. 13, 35). Најнапред, треба да се потрудиме за очистувањето и преобразувањето на нашиот внатрешен свет, на нашите внатрешни односи, на личен и внатрештоцрковен план.
– За да сме добар пример за другите?
– За да сме добар пример, зашто така се вели „заради вас се хули Божјото име“ (Рим. 2, 24). Ние се молиме „да дојде Царството Твое“ и се стремиме Божјото царство да се зацари во нашите души, затоа што „Царството Божјо е во вас“ (Лк. 17, 21), вели Господ. Ако тоа не е во нас, во нашите срца, како ќе сведочиме за ова Царство? Како ќе сведочиме за Царството, кое „е радост во Светиот Дух“, ако самите не заживееме со оваа радост?
Ако, како што вели свети Серафим Саровски, придобиеме мирен дух, илјадници околу нас ќе се спасат, а кога плодовите на Духот што ги спомнавме ќе станат содржина на нашиот живот и кога нашата душа е исполнета со нив, тогаш и без ништо друго да правиме, тие ќе сведочат за Бога, колку е добар, ќе влијаеме благотворно на луѓето околу нас, бидејќи не ние, туку Божјата благодат влијае благотворно.
Потоа, односите помеѓу нас, ако се изградени на оваа основа, исто така ќе сведочат за Господ и ќе ги привлекуваат и вклучуваат другите луѓе. Кога меѓу нас има љубов, тоа е сведоштво за Христа и најсилна проповед. А ако меѓу нас има караници, интриги, отуѓување, тогаш кој ќе поверува дека сме христијани и ќе посака да биде како нас? Никој!
Има уште многу работи да се посакаат и од парохиското служење. При моето поставување за Софиски митрополит, спомнав дека свештеникот и да нема никакви други дарови – дар на словото, музикална дарба – доволно е само неговото добросовесно служење, секојдневното молитвено правило во храмот. Кротко и смирено да застане пред Светиот престол, да Му се помоли на Бога за душите што му се доверени, оној што ќе дојде кај него внимателно да го ислуша, да го посоветува како што Господ ќе го просветли, и парохијата ќе се претвори во оаза, во извор на жива вода, кон која луѓето ќе бидат привлечени. Како што во пустината, едно изворче да има, секое животно дознава за него и оди кај него да ја згасне жедта, така и современото општество е пустина во однос на милосрдието, човечноста, братољубието, искреноста. И кога свештеникот како пастир служи со добросовесно, храмот станува извор на жива вода и луѓето се учат редовно да одат при него и да ја гаснат жедта на своите души.
Службата на свештениците е првостепена задача, затоа што тоа го прави можно воцрковувањето на луѓето. Каде на друго место да се воцрковат луѓето, ако не во храмот? Постепено, овие луѓе, привлечени од служењето на свештеникот, стануваат дел од животот на Црквата и придонесуваат, според своите дарби и можности, во парохискиот црковен живот – некои со труд, некои со знаење од различни области, гледаат од што имаат потреба ближните и помагаат. Така, кај некои се јавува желба да учат богословие, да станат свештеници и служители на Црквата. Станува збор за природно преемство. За еден ланец, којшто во голема мера беше прекинат во периодот на социјализмот, а сега треба да се возобнови со усилбите на сите нас – епископи, свештеници и народ Божји.
За нас Христос е сè, но на прво место Тој е љубов. Потребен е искрен и внимателен однос кон човекот. Потребна е љубов поврзана со расудување.
Работата со државните институции за воведување на предметот „Религија – Православие“ во основната наставна програма од 1 до 12 клас е исто така важна. Така, сето ова, комплексно, ќе доведе до воцрковување на повеќе луѓе.
– Дали е тоа вистинскиот пристап – од конкретната човечка душа, преку личните односи, животот во парохијата, БПЦ на општо црковно ниво и конечно соработката со световната власт?
– Тоа е начинот, бидејќи благодатта пребива во човечката душа, и ако човечките души не ја восприемат благодатта, можеме многу да зборуваме, но ништо нема да произлезе од нашите зборови. Спасението се извршува во конкретната човечка душа. Борбата со страстите, молитвата, стремежот кон добродетелен црковен живот… Сето тоа се случува во човечката душа, и таму треба да бидат насочени нашите напори за да имаме добар резултат.
– Во овој ред на мисли, ја спомнавте државата, веќе ги остваривте вашите први средби со државни претставници од водечките институции во Бугарија – Претседателството, Народното собрание. Кои се, според Вас, областите во кои опсегот на дејствие на Црквата и државата се преклопуваат и во кои области тие можат заедно да дејствуваат?
– Дали постои област во човечкиот живот и област во општеството која нема потреба од Бога? Има ли човек кој нема потреба од Бога, кога Господ рекол „без Мене не можете ништо да направите“ (Јн. 15, 5)? Може ли Претседателството да ја врши својата работа без Бога? Може ли Врховниот командант на Бугарската армија без Бога? Може ли Народното собрание да створи добри и полезни закони без Бога? Може ли Министерскиот Совет да заврши нешто добро без Бога? Дали училиштето ќе воспитува и образува добри луѓе без Бога? Што ќе направат болниците без Бога? Каде, во која сфера, кој човек може добро да се справи со своите задолженија без Бога?
Така што Црквата има место во секоја сфера на човечкиот живот. Ете, историски гледано, има светци кои се цареви, царици, военоначалници, лекари, просветители. Тие, бидејќи беа со Бога и во Црквата, ги исполнуваа своите задолженија, секој во својата сфера. Штом тие покажале дека совесното, пожртвувано исполнување на нивните задолженија, со Божја помош, дава добар резултат, и за самите нив, и за другите луѓе, тогаш зошто сите ние да не се стремиме да бидеме такви и да ги подражаваме? Човекот, каде и да се наоѓа, во која област од животот да се труди со добра совест, има можност да стане образ и подобие на Бога. Има ли тогаш таква сфера каде што Црквата не може да им помогне на луѓето да бидат образ и подобие на Бога и добро да служат и на Бога и на своите ближни?
За жал, сè уште постои таков анахронизам и погрешно разбирање дека Црквата е археолошко откритие од минатото. Се цени нејзината историска улога, се цени тоа што таа ги негувала во нашиот народ оние доблести кои сега ги сметаме за дел од нашиот национален идентитет. Но, зошто да не бидеме доследни во размислувањето и да прифатиме дека штом Црквата можела во тие времиња да му даде сила и вера на нашиот народ да ги надмине таквите тешки искушенија, тогаш може истото да го стори и сега?
– Затоа што „Исус Христос е ист вчера, денес и засекогаш“.
– Точно така. Сите луѓе кои се надевале на себеси за успех во овој живот и во својата дејност, на крајот дошле во ќорсокак и Господ им покажал дека без Него не можеме да вршиме ништо. Секој кој се потпирал на своите сили, без Бог како помошник, на крајот ја искусил својата немоќ. Бидејќи, што сме ние? – Еден здив. Денес нè има – утре нè нема.
Се радуваме дека современи државници го имаат ова разбирање и тие сè повеќе ја препознаваат улогата на Црквата и во нашето современо општество, осознаваат колку е важна духовноста, правилното воспитување на децата и младите, а и на сите луѓе во т.н. општочовечки, традиционални вредности. А овие вредности не се ништо друго освен она коешто природно, од почетокот е својствено за човекот како Божјо создание. Секое позитивно право во крајна сметка се заснова на природното право, воспоставено од Бога.
Оддалечувањето од Бога во современото општество достигнало таков степен, што се зборува за расчовечување на човекот. Некои зборуваат за пост-човек, за пост-човечка цивилизација. Ја разбирате ли целата трагедија на ова што се случува – некои денес си поставиле за цел да го расчовечат човекот, додека Самиот Бог, втората Личност на Светата Троица се вочовечи, стана Човек. Толку сме се оддалечиле од образот Божји, од она што човекот е повикан да биде! И таму каде што има здрав разум, се разбира значењето на Црквата во тоа да потсетува за она што е општополезно и морално да ги воспитува луѓето.
Тука не зборуваме за спасение – многумина не веруваат во Бога, во спасението, во вечниот живот, туку Црквата ја гледаат како потпора, како столб на општеството, како сол што го штити општеството од распаѓање. Ја ценат оваа нејзина улога. А тоа е сепак нешто позитивно и добро. Малку по малку ќе сфатат дека нејзината мисија е многу поголема – да ја исцели човечката душа од гревот, од последиците на падот, и да ја освети. Да му даде на човекот таква сила та тој да стои стабилно, непоколебливо, среде бурите што беснеат во човечкото општество, без да паѓа во маловерие, во очај или во морално распаѓање. Оваа сила човек ја добива во Црквата преку учество во Светите Таинства. Во православното богословие постои нераскинливо единство на светотаинскиот живот и моралот. Подвизувањето и учество во Таинствата – тоа се двата столба во духовниот живот на православниот христијанин, без кои тој не може да постигне напредок. Подвигот нè води кон светата Евхаристија и кон останатите Свети Таинства, а Евхаристијата ни дава сили, благодат, вдахновение и желба да го продолжиме, продлабочиме и засилиме нашиот подвиг. И двете заедно – подвизувањето и учеството во Таинствата – нè водат постепено кон просветлување, осветување и уподобување на Бога. Сето тоа се извршува во единствениот простор на нашата заедница со нашите браќа и сестри во Црквата. Нашиот подвиг не е индивидуален, туку секогаш оди преку соседот.
Да се зачува човекот како создаден според Божјиот образ и да стане подобен на Бога, може само кога тој стои цврсто и со чиста совест во Вистината, во Бога. Ова е патот по кој човек може да го задржи мирот во својата душа и да го предаде и на другите, за да минат низ бурите на овој свет и век.
Интервјуто го водеше : Александра Карамихалева