Спомнувањето на Епифаниј Киевски во Букурешт проследено со повик „анатема“

Цариградскиот Патријарх Вартоломеј и Романскиот Патријарх Даниел, по повод прославата на светиот Димитриј Нови, заштитникот на Букурешт, на 27 октомври годинава служеа Божествена Литургија на надворешниот олтар на Патријаршиската катедрала во главниот град на Романија. Во сослужението учествуваа архиереи на Романската Православна Црква и од Цариградската Патријаршија, отци од Света Гора Атон, служители на Патријаршиската катедрала и други клирици од Архиепископијата на Букурешт.

Во текот на Литургијата, на Големиот вход, Патријархот Вартоломеј, спомнувајќи ги имињата на претстоителите на помесните Православни Цркви го спомна и името на поглаварот на ПЦУ (Православната Црква на Украина) Епифаниј, иако Романската Црква не ја признава ПЦУ, на што од страна на верниците се чу довикување „анатема“, како што се забележува на видео снимката од преносот на богослужбата.

Патријархот Вартоломеј престојуваше во посета на Романија во периодот од 24 до 28 октомври по повод празнувањето на стогодишнината на Романската Патријаршија и исполнувањето 140 години автокефалија на Романската Православна Црква.

Извор: https://www.youtube.com/live/XCsst3pN6og?si=oJTYPf0Kk9rLjoPH&t=4907