Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) успешно спречи терористички напад насочен кон Кримскиот митрополит Тихон (Шевкунов) во Москва. Шокантно, заговорот наводно бил организиран од двајца негови блиски соработници – неговиот асистент, Денис Попович, и еден свештеник од Црквата „Воскресение Христово“ во Москва. Двајцата осомничени се уапсени и приведени за нивното учество во нападот, кој, според извештаите, бил подготвен со поддршка на украинската воена разузнавачка служба.
Нападот бил планиран да се случи за време на престојот на Митрополитот Тихон во Сретенскиот манастир, каде што Попович требало да подметне експлозивна направа.
Од приведените биле запленети рачно изработена бомба и украински пасоши со изменети податоци. Напаѓачите планирале да избегаат од Русија користејќи лажни пасоши обезбедени од украинските специјални служби. Експлозивната направа им била предадена на осомничените преку тајно складиште во декември 2024 година.
Двајцата уапсени ја признале својата вмешаност.
Истрагата открила дека Попович и свештеникот од средината на 2022 година испраќале финансиски средства на украинската армија. Нивните телефонски контакти вклучувале 73 украински броеви, меѓу кои и еден службеник на украинската гранична служба и вработен во прес-службата на украинските вооружени сили.
Попович, исто така, нелегално пристапил до Телеграм профилот на митрополитот Тихон, ја следел неговата преписка и собирал информации за неговите патувања низ Русија.
Против Попович и свештеникот Иванкович е покренато кривично дело за подготовка на терористички напад и нелегална трговија со експлозивни направи како дел од организирана група.
Митрополитот Тихон на македонската јавност ѝ е познат како автор на книгата „Несвети, а свети“, за чија промоција тој ја посети Македонија во 2016 година.
Извор: https://t.me/izvestia/201228