Спречено преземање на манастир на Украинската Црква во Киевската област

Адвокатот и верниците заедно со монасите го заштитија од заземање машкиот манастир „Преображение Господово“ на Бориспoлската епархија на Украинската Православна Црква во селото Књажичи, во Киевската област. За ова известува украинскиот портал „Православен живот“ на 5 декември 2025 година.

Извршител на Броварскиот оддел на Државната служба, спротивно на нормите од важечкото законодавство и без почитување на законски предвидените рокови, планирал да спроведе извршни дејства за иселување на заедницата, со ангажирање на полиција. При подготовките тој, без каква било правна основа и без барање од заедницата, ја изменил правната адреса на манастирот.

Адвокатот, протојереј Никита Чекман, ги нарече дејствата на државниот службеник противправни и незаконски.

„Според нормите на важечкото законодавство, решението за отворање на извршната постапка беше датирано со 24 ноември 2025 година. Според законот, ‘должникот’, односно религиската заедница, има рок од 10 работни дена. Во овој случај, овој рок истекува дури на 9 декември 2025 година. А сите овие дејства што се случуваа денес беа незаконски“ – рече протојереј Никита Чекман.

Бранителот нагласи дека претставниците на религиската организација поднеле жалби против дејствата на државниот извршител и се обратиле до органите на прогонот со пријава за кривично дело.

„Борбата за светилиштето продолжува. Треба да дејствуваме во рамките на важечкото законодавство, но без да дозволиме нарушување на правата“ – рече протојереј Никита Чекман.

Монасите од Књажичкиот манастир му се заблагодарија на адвокатот и на верниците за помошта и поддршката. Отците ги замолија верниците и понатаму да останат молитвено поврзани со манастирот.

Извор: https://pravlife.info/ostanovleny-nezakonnye-dejstviya-po-zahvatu-monastyrya-borispolskoj-eparhii-upcz/