Средба на Антиохискиот Патријарх со Митрополитот Антониј од Руската православна црква

На 25 јануари годинава, за време на своето работно патување во Либан, претседателот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската Патријаршија, Митрополитот Волоколамски Антониј, го посети Богословскиот институт „Преподобен Јован Дамаскин“ при Баламандскиот универзитет, каде што беше примен од Блаженејшиот Патријарх на Велика Антиохија и целиот Исток, Јован Десетти. 

На средбата присуствуваа советникот на Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус, протојереј Николај Балашов, заменик-претседателот на Одделот, протојереј Игор Јакимчук, настојателот на Подворјето на Руската Православна Црква во Бејрут и претставник на Патријархот Московски и на цела Русија при Патријархот Антиохиски и на целиот Исток, архимандрит Филип (Василцев), секретарот на претседателот на Одделот, свештеник Николај Васин, како и деканот на Богословскиот институт, архимандрит Јаков (Халил), и Вонредниот и Ополномоштен Амбасадор на Руската Федерација во Либанската Република, А.Н. Рудаков. 

Митрополитот Антониј му пренесе на поглаварот на Антиохиската Православна Црква братски поздрав од Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус, Кирил, и уверување за поддршка на неговото Блаженство и целото негово паство во ова тешко време. 

За време на долгата и срдечна средба беше дискутиран широк спектар на прашања од заемен интерес, вклучително и положбата на христијаните на Блискиот Исток и во други региони на светот, перспективите за понатамошен развој на братската соработка меѓу Антиохиската и Московската Патријаршија, како и тековната состојба на меѓуправославните и меѓухристијанските односи. 

Како молитвено сеќавање на оваа средба, митрополитот Антониј му подари на Блаженејшиот Патријарх Јован света панагија. 

По завршувањето на средбата, Патријархот Јован приреди вечера во чест на Митрополитот Антониј и неговата придружба.

Извор: https://mospat.ru/ru/news/92808/