На 17 февруари 2025 година, Неговата Светост Патријархот Бугарски г.г. Даниил го прими Неговото Високопреосвештенство Халкидонскиот Митрополит г.. Емануил и архимандрит Аетиј шеф на кабинетот на Цариградскиот патријарх. Средбата се одржа во просториите на Светиот Синод на Бугарската Црква во Софија, а на неа присуствуваа Високопреосвештените Митрополити: Великотрновскиот г. Григориј, Неврокопскиот г. Серафим, Старозагорскиот г. Кипријан и Епископот Мелнишки г. Герасим – главен секретар на Светиот Синод, проф. Иван Желев – преведувач од грчки јазик, д-р Александар Смочевски – советник за канонско-правни прашања на Софискиот митрополит и Бугарски патријарх – известува интернет страницата на Бугарската Патријаршија.
На почетокот на приемот, Митрополитот Емануил го пренесе братскиот поздрав од Патријархот Вартоломеј и ги изрази поддршката и добрите односи меѓу Цариградската патријаршија и Бугарската православна црква, како и добрата волја за соработка по различни прашања од општоцрковно значење.
„Се надеваме дека добрите односи ќе се развиваат и за време на Вашето патријаршиско служење“ – рече митрополитот Емануил.
Патријархот Даниил, од своја страна, ја изрази својата благодарност што Цариградскиот патријарх Вартоломеј лично присуствувал на неговата интронизација.
За време на средбата беа разгледани актуелни прашања пред Православната црква и нејзината духовна мисија во светот – дијалогот меѓу Помесните цркви, претстојните прослави по повод 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја, како и други прашања од взаемен интерес. Неговата Светост и членовите на Синодот кои присуствуваа на средбата ја истакнаа дијалогичноста и дипломатичноста во меѓурелигиските односи во Бугарија како позитивен пример. Патријархот Даниил говореше за измените во Законот за вероисповед, усвоени од Народното собрание на почетокот на годината, во врска со обидот за легализација на паралелна Православна црква во Бугарија и нејзината регистрација.
На крајот на приемот, Патријарх потсети на одлуката на Светиот Синод за доделување на орденот „Св. Јован Рилски“ на Цариградскиот патријарх Вартоломеј заради неговата помош и поддршка во решавањето на трагичниот раскол во Бугарската православна црква од крајот на минатиот век.
На крајот на средбата беа разменети подароци за спомен.
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/sreshta-na-balgarskia-patriarh-daniil-i-chlenove-na-svetia-s