Средба на Бугарскиот патријарх Даниил и Светиот Синод со премиерот Румен Радев

Неговата Светост, Бугарскиот патријарх Даниил, и митрополитите од Светиот Синод на Бугарската Православна Црква на 26 јуни 2026 година го примија премиерот Румен Радев во Синодалната палата. На почетокот од приемот, патријархот Даниил му го честиташе изборниот успех на претседателот на Владата и му посака неговата работа и служба да бидат и од полза за народот и за спасение на душите.

„Бугарската држава и Бугарската Православна Црква имаат заедничка мисија за духовното здравје на нашиот народ“, изјави премиерот Румен Радев, нагласувајќи дека, низ историјата, Бугарската Православна Црква секогаш била столб на националната меморија, култура, историја и традиција, а нејзината улога останува подеднакво значајна и денес, во свет раздиран од морална криза и вештачки наметнат нихилизам.

За време на средбата беа покренати повеќе прашања, меѓу кои и воведувањето на наставниот предмет „Добродетели и религии“ во образовната програма во земјата. Беше истакната потребата од подготовка на доволен број наставници, како и прашањето за содржината на наставниот материјал.

Неговата Светост нагласи дека добрите резултати во училиштата каде што овој предмет веќе се изучува како изборен се показател за неговата вредност, а митрополитите од Светиот Синод го споделија своето искуство во организирањето на наставата по предметот „Религија – Православие“ во своите епархии.

На средбата беа разгледани и прашања поврзани со заедничкото дејствување на државните институции и Бугарската Православна Црква во нивната заедничка задача за зачувување и развивање на врските со бугарските заедници во странство.

На крајот од приемот беа разменети симболични подароци. Неговата Светост му подари на премиерот Радев икона на Спасителот, со желба секогаш да ја има Божјата помош и поддршка во неговата тешка служба.

На редовната синодска седница на истиот ден, Бугарската Православна Црква објави соопштение во врска со санкциите против Рускиот Патријарх Кирил:


„Во врска со настанатото прашање, поврзано со евентуалното усвојување на нови санкции против Руската Федерација, кои би ја опфатиле личноста на патријархот Московски и на цела Русија, Кирил;

На својата редовна седница од 26.06.2026 година, Светиот синод одлучи дека не е негова надлежност да се произнесе по ова прашање.“

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/sreshta-na-balgarskia-patriarh-daniil-i-sv-sinod-s-premiera