Бугарскиот Патријарх разговараше со Амбасадорот на САД за прогонот на Украинската православна црква

Денес, во просториите на Светиот синод на Бугарската православна црква, во Софија, се одржа официјална средба на Неговата Светост, Бугарскиот патријарх Даниил, со Неговата Екселенција, вонредниот и ополномоштен Амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Бугарија, г. Кенет Мертен. На средбата присуствуваа и: Мелнишкиот епископ Герасим – главен секретар на Светиот синод, г. Евгени Тодоров – службеник во политичкиот оддел на амбасадата на САД, и г. Димитар Горанов – шеф на кабинетот на Бугарскиот патријарх. Средбата се одржа на барање на Американскиот амбасадор, откако во почетокот на јули оваа година, патријархот Даниил присуствуваше на традиционалниот прием во амбасадата на САД по повод денот на независноста на Америка.

За ова известува информативната служба на Бугарската православна црква, која понатаму дава извештај за средбата што во продолжение го пренесуваме во целост.


Г. Мертен повторно му го честиташе на Неговата Светост изборот за Бугарски патријарх и му посака плодно служење на оваа одговорна позиција. Патријархот Даниил ја истакна долгогодишната плодна соработка меѓу православната бугарска епархија во Соединетите Држави и американските власти. Беше нагласена зголемената улога на Православната црква, кон која се приклучуваат сè повеќе Американци и која постојано ја проширува својата пастирска и духовна дејност меѓу американскиот народ. Неговата Екселенција изрази своја длабока почит кон Бугарската православна црква и нејзината значајна улога во духовното воспитување на бугарскиот народ и во надминувањето на многу искушенија во неговата историја, како што се петвековното странско владеење, како и спасувањето на бугарските Евреи за време на Втората светска војна.

Во разговорот со американскиот амбасадор, патријархот Даниил посвети особено внимание на состојбата на верската слобода и правото на вероисповед во различни региони на светот. Тој истакна дека канонската Украинска православна црква, предводена од Неговото Блаженство, Киевскиот и цела Украина митрополит Онуфриј, е подложена на различни ограничувања: ограничување на верската слобода, ограничување на слободата на богослужба, насилно одземање на црковната сопственост и поттикнување на говор на омраза. Патријархот Даниил нагласи дека Украинската православна црква, со која сите помесни православни Цркви се наоѓаат во евхаристиско општење, е подложена на сериозни фактички и правни ограничувања во својата пастирска дејност како резултат на дискриминаторската политика на одредени фактори во Украина. Бугарскиот патријарх ја изрази својата увереност дека демократските сили во светот, кои ги следат верските процеси, ќе ги земат предвид овие загрижувачки тенденции во Украина и ќе придонесат за гарантирање на верската слобода, правото на богослужба и неприкосновеноста на сопственоста на Украинската православна црква. Патријархот Даниил потсети дека во Европската историја, од Реформацијата до денес, верскиот мир секогаш бил предуслов за политички и социјален мир.


Потсетуваме дека пред изборот за Бугарски Патријарх, владиката Даниил 7 години служеше во САД како викарен епископ.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/balgarskiat-patriarh-daniil-prie-amerikanskia-poslanik