Во понеделник, на 15 септември 2025 година, Цариградскиот Патријарх Вартоломеј се сретна во Белата куќа со Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, шестиот Претседател на САД што Патријархот го посетува.
Средбата во Овалната соба, која траеше повеќе од половина час, се одржа во многу срдечна атмосфера, при што Неговата Екселенција Претседателот изрази голем интерес за разновидните иницијативи и служењето на Цариградскиот Престол, како и за животот на христијаните во Турција – известува официјалната интернет страница на Цариградската Патријаршија.
За време на разговорот, Патријархот му честиташе на Претседателот за иницијативите и неговиот севкупен напор за воспоставување мир во светот, а особено во Украина. Разговараа, исто така, за положбата на христијаните на Блискиот Исток.
Исто така, беше спомната и претстојната посета на Римскиот Папа Лав XIV на Турција годинава, со цел заеднички да се одбележи 1700-годишнината од Првиот Вселенски Собор во Никеја.
За средбата покажа голем интерес и Потпретседателот на САД Џејсон Дејвид Ванс, кој е христијанин од римокатоличка вероисповед.
Патријархот изрази сочувство до Претседателот на САД за убиството на неговиот пријател и соработник Чарли Кирк и му заблагодари за топлиот прием и за убавиот подарок.
На средбата во Овалната соба Патријархот беше придружуван од Архиепископот Американски Елпидофор, Митрополитот Лаодикиски Теодорит и Митрополитот Силивриски Максим, Архимандритот Аетиј, шефот на патријаршискиот кабинет, протопрезвитерот Александар Карлуцос.
Претседателот беше придружуван од Потпретседателот, како и од Рајнс Прибус, член на Советодавниот комитет на Претседателот за разузнавачки служби, и Мајкл Крациос, Научен советник на Претседателот.

Извор: https://ec-patr.org/synantisi-toy-oikoymenikoy-patriarch-24/
