Средба на Цариградскиот патријарх Вартоломеј со Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган во Анкара

Неговата Сесветост, Цариградскиот патријарх г.г. Вартоломеј, на негово барање, се сретна во четврток, 26 декември 2024 година, со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Претседателската палата во Анкара. 

Патријархот ја отвори темата за состојбата на христијаните во Сирија и побара од претседателот Ердоган да ја искористи сета своја влијателност за заштита на животот и безбедноста на христијаните и сите малцинства во Сирија. Тој се осврна и на блиските историски врски меѓу Цариградската патријаршија и древната Антиохиска Патријаршија. 

Неговата Сесветост му се заблагодари на Претседателот на Турција за дадената наредба за повторно отворање на богословското училиште на Халки и го замоли да ги забрза релевантните процедури. Претседателот ја вети својата целосна поддршка. 

Исто така, беше дискутирано прашањето за планираните прослави во следната година по повод 1700 години од одржувањето на Првиот вселенски собор во Никеја (325-2025) и посетата на Папата Франциск на Турција за учество во тие настани. 

Патријархот беше придружуван во Анкара од Неговото Високореосвештенство Митрополитот Халкедонски г. Емануил и г. Пантелејмон Вигас, Архонт и активен деец во грчката дијаспора. 

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/oikomeniko_patriarxio/synantisi-oikoumenikou-patriarxi-me-ton-retzep-tagip-erntogan-stin-agkyra/