Средба на Ерусалимскиот патријарх Теофил со Трамп во Белата куќа

Заштитата на христијанските заедници на Блискиот Исток и обезбедувањето на слободата на богослужба во Светата Земја биле во фокусот на разговорот меѓу Ерусалимскиот патријарх Теофил III и претседателот на САД, Доналд Трамп, што се одржа на 4 јуни 2026 година во Белата куќа – известуваат грчките медиуми.

Средбата, која траела околу 40 минути, се одржа во период на засилена регионална нестабилност, при што христијанските заедници во Либан, Сирија и Светата Земја се соочуваат со сè поголеми притисоци и безбедносни предизвици.

Во текот на разговорот, патријархот Теофил ја изразил својата загриженост пред американскиот претседател за состојбата на христијанските заедници во поширокиот регион, нагласувајќи дека нивната заштита не претставува само верско прашање, туку и фактор за стабилност, соживот и мир.

„Христијанските заедници на Блискиот Исток во последните години се соочуваат со тешка реалност на нестабилност, зголемени закани и притисоци. Сведоци сме како древни заедници бараат нешто сосема основно: да продолжат да живеат безбедно, да ја зачуваат својата вера и да ја заштитат слободата на богослужба“, наведува Ерусалимскиот патријарх во своето соопштение.

Обраќајќи му се на претседателот Трамп, Теофил истакнал дека „зачувувањето на верската слобода и на непречениот пристап до светите места не е само религиозно прашање, туку предуслов за стабилност, соживот и мир во целиот регион“.

Во рамките на средбата, патријархот Теофил му го доделил на Доналд Трамп одликувањето „Голем Крстоносец“ на Редот на Крстоносците на Светиот Гроб, кое претставува едно од највисоките признанија на Ерусалимската патријаршија.

Според соопштението на Патријаршијата, средбата се одржала во контекст на односите што патријархот ги има со Доналд Трамп и неговото семејство, како и како продолжение на посетата што американскиот претседател ја оствари во 2017 година на Ерусалим и на Храмот на Христовото Воскресение.

На крајот од соопштението се истакнува дека Ерусалимската патријаршија е една од најстарите христијански институции во светот и има историска улога во зачувувањето на христијанските светилишта во Светата Земја, меѓу кои се Храмот на Христовото Воскресение во Ерусалим и Храмот на Христовото Рождество во Витлеем. Патријархот Теофил III се наоѓа на патријаршискиот престол од 2005 година и учествувал на настани со пошироко верско и меѓународно значење, меѓу кои и осветувањето на маслото употребено при крунисувањето на кралот Чарлс III.

Извор: https://www.ertnews.gr/eidiseis/synantisi-patriarxi-ierosolymon-theofilou-g-tramp-ston-leyko-oiko/