Средба на Ерусалимскиот Патријарх Теофил со Претседателот на Турција Ердоган

Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски г.г. Теофил на 13 септември 2025 година беше примен во Истанбул од Неговата Екселенција Претседателот на Турската Република г. Реџеп Таип Ердоган, на средба во дух на братство и солидарност, која ги истакна историските и духовните врски меѓу Светата Земја и Турција – известува интернет страницата на Ерусалимската Патријаршија.

За време на средбата, Неговото Блаженство потсети на трајното наследство на Договорот на Омар, кој во VII век бил склучен помеѓу Патријархот Ерусалимски свети Софрониј и калифот Омар ибн ал-Хаттаб, со кој биле поставени темелите за заштита на Христијанските свети места и институции во регионот. Овој договор, кој подоцна беше збогатен со османлиските законски норми, се разви во важечкиот „статус кво“, кој и денес го чува разнорелигиозниот карактер на Ерусалим и соживотот на неговите различни заедници.

Патријархот истакна дека црковното и културното наследство мора да се зачува како живо сведоштво на верата и историјата и изрази искрена благодарност за признанието од страна на Претседателот Ердоган за ова значење, и во рамките на Турција. Тој нагласи дека муслиманските владетели, како наследници на Договорот на Омар, учествуваат во одговорноста за заштита на христијанските заедници и свети места – служба што денес примерено ја исполнуваат Хашимитите, како чувари на светите поклонички места на Светата Земја.

Повикувајќи се на апостолот Павле кој вели: „Ако е можно, колку што е до вас, живејте во мир со сите луѓе“ (Рим. 12,18), Неговото Блаженство нагласи дека духот на мирот мора да го води зачувувањето на историскиот „статус кво“, кој го чува светото наследство на Ерусалим и уникатниот мозаик на верите. Тој заклучи дека обновената соработка е неопходна, за светите места да останат извор на единство и надеж за сите народи во регионот.

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/anakoinothenta/ο-μακαριωτατοσ-πατριαρχησ-ιεροσολυμ-136/