Средба на Митрополитот Јоаникиј со шефот на мисијата на САД во Црна Гора

На 7 мај 2026 година, во просториите на Соборниот храм „Христово Воскресение“ во Подгорица, Високопреосвештениот Архиепископ Цетињски и Митрополит Црногорско-приморски г. Јоаникиј од Српската Православна Црква го прими г. Мајкл Киз, вршител на должноста шеф на мисијата на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Црна Гора, заедно со неговите соработници.

Митрополитот му посака добредојде на г. Киз во Црна Гора и го запозна со актуелната состојба на верските слободи и законската рамка во која денес дејствуваат Црквите и верските заедници во Црна Гора, осврнувајќи се и на разновидноста на верските традиции во земјата. На почетокот, Митрополитот се осврна и на напорите вложени пред неколку години за да се дојде до елементарна рамноправност на сите вери, велејќи дека денешната состојба, иако не е идеална, сепак е задоволителна и секако подобра од порано, кога Српската Православна Црква беше изложена на отворена дискриминација.

Господинот Киз му пренесе на Митрополитот дека слободата на верата, изразувањето и достоинството на секое човечко битие се длабоко втемелени во идеите на основачите на САД и во нејзините конститутивни документи, и дека тие се меѓу приоритетите и на сегашната американска администрација, при што денешната Влада на САД нема намера да им кажува на другите како да мислат и живеат, ниту да се меша во внатрешното уредување на државите и нивниот суверенитет, нагласувајќи ја притоа одговорноста на сите влади да им помагаат на своите граѓани. Во таа смисла го спомена и обемниот меѓународен извештај за верските слободи што Стејт департментот секоја година го подготвува по налог на Конгресот на САД. Тој исто така нагласи дека приоритет на Амбасадата на САД во Црна Гора е зајакнувањето на односите со Црна Гора, особено во поглед на унапредувањето на деловната клима за американските компании, на што интензивно се работи со Владата на Црна Гора.

Митрополитот во текот на разговорот спомена дека смета оти постои простор за понатамошен напредок во верските слободи во Црна Гора, наведувајќи го како пример непостоењето свештеници во вооружените сили, што е стандард и во армијата на САД и во НАТО.

Соговорниците ја споделија и својата загриженост за современите конфликти и кризи во светот, како и ставовите за местото и улогата на Црквите и верските заедници во нив, согласувајќи се дека тие, преку своето залагање и молитва за мир, можат да придонесат за прекин на непријателствата и страдањата.

Извор: https://svetigora.com/susret-sefa-misije-sad-u-crnoj-gori-i-mitropolita-joanikija/