Средба на попадии на Пастирската конференција на Православната Црква во Америка

Пастирската конференција 2026 на Епархијата на југот, на Православната Црква во Америка, која се одржа од 4 до 6 февруари 2026 година, означи важна пресвртница со воведувањето на посебна програма за сопругите на свештенослужителите — „Средба на попадии“. Одржана паралелно со годишниот епархиски собир на свештенството, средбата собра дваесет сопруги на свештеници, ѓакони и идни семинаристи од целата епархија на тридневно заедништво, размислување и взаемно охрабрување.

Програмската содржина беше организирана преку организацијата „Служба на жени на свештеници“ на Православната Црква во Америка, како пилот-иницијатива за идни епархиски и црковни собири. Конференцијата понуди внимателно осмислена комбинација од неформално поврзување, водени разговори и учество во одбрани делови од пошироката пастирска конференција, овозможувајќи им на свештеничките сопружници заеднички да го живеат ритамот на неделата, а истовремено да се почитуваат специфичните потреби и искуства на сопругите на свештенослужителите.

Во текот на трите дена учесничките споделуваа кратки сведоштва за радост среде духовниот раст, размислуваа за духовни практики што ги зајакнуваат нивните бракови и се запознаваа со ресурси за поддршка. Сопругите на свештенослужителите им се придружуваа на своите сопрузи на богослужби, како и на половина од сесиите на конференцијата посветени на актуелниот бран на новообратеници во Православието. Беше одвоено време и за вечера и разговор со епископите, како и за средби само за попадии — простор за отворен разговор, смеа и заемно разбирање. Разговорите беа насочени кон преобразување на чувството на преоптовареност во восхит во ова време на брз раст, како и кон различни стратегии за одговарање на личните потреби и потребите на парохијаните во растечка парохија.

Средбата на попадиите е знак на продлабочената посветеност на Црквата кон здравјето, поврзаноста и процутот на свештеничките семејства — препознавајќи дека животот на парохијата е тесно поврзан со благосостојбата на оние што ѝ служат и на нивните семејства – се вели во заклучок во известувањето на официјалната интернет страница на Православната Црква во Америка.

Извор: https://www.oca.org/news/headline-news/matushki-meet-up-piloted-at-the-diocese-of-the-south-pastoral-conference