На 15 октомври 2024 година, Патријаршискиот егзарх на Африка на Руската православна црква, Митрополитот Зарајски г. Константин, пристигна со својата прва архипастирска посета во Централноафриканската Република (ЦАР).
Следниот ден, претседателот на ЦАР, г. Фостен-Арканж Туадера, го прими Митрополитот Константин во претседателската палата во градот Банги. На средбата учествуваа и претседателот на Мисионерскиот оддел на патријаршискиот егзархат на Африка, свештеникот Георгиј Максимов, како и старешината на парохиите на Патријаршискиот егзархат на Африка во ЦАР, свештеникот Сергеј Воемава.
Митрополитот Константин му изрази искрена благодарност на шефот на државата за гостопримството, како и за отвореноста на народот на ЦАР и нејзиното раководство, кое овозможи плодна почва за развој на мисијата на Руската Православна Црква во оваа земја.
Руската Црква се појави овде на барање на Русите кои работат во ЦАР и на покана од локалното население кое изрази желба да стане нејзин дел. Архијерејот го претстави еден од нив — сега старешина на парохиите во ЦАР, свештеникот Сергеј Воемава, и раскажа за моменталната состојба, актуелниот број на духовници и парохии, а потоа ги запозна со образовните проекти кои ги спроведува Патријаршискиот егзархат на Африка во ЦАР.
Претседателот Туадера, пак, изјави дека ја поздравува активноста на Руската православна црква. Тој нагласи дека за кратко време Руската Црква веќе цврсто се утврдила во земјата, придонесувајќи за благосостојбата на граѓаните на ЦАР, и изрази надеж за понатамошен развој на нејзината мисија. Претседателот исто така побара молитви од Патријаршискиот егзарх за народот на Централноафриканската Република.
За време на разговорот, беа дискутирани плановите за развој на активностите на Руската Православна Црква во ЦАР.
На крајот од средбата, митрополитот Константин му подари на Претседателот ѕиден крст во традиционален руски стил. Свештеникот Георгиј Максимов подари изданија на Патријаршискиот егзархат на Африка на француски јазик, како и превод на службата на Литургијата на свети Јован Златоуст на официјалниот јазик на ЦАР – санго, што предизвика особено одобрување од страна на шефот на државата – известува информативната служба на Патријаршиски егзархат на Африка на Руската православна црква.