Неговото Блаженство Романскиот патријарх Даниел на 17 септември 2026 година, во Патријаршиската резиденција го прими Рајли Барнс, американски амбасадор за меѓународната верска слобода и помошник државен секретар во Бирото за демократија, човекови права и труд, со кого разговараа за верските слободи, за Украина и за предизвиците со кои се соочуваат младите.
На средбата присуствуваше и Дарил Ниренберг, амбасадор на Соединетите Американски Држави во Романија, заедно со претставници на Стејт департментот на САД и на Амбасадата на САД во Букурешт.
Патријархот Даниел го поздрави амбасадорот Барнс и другите членови на американската делегација и даде краток преглед на состојбата со верската слобода во Романија. Неговото Блаженство истакна дека членот 29 од Уставот ја гарантира верската слобода во Романија, обезбедувајќи ја слободата на совеста и верувањето за сите граѓани. Тој го истакна и Законот бр. 489/2006, познат како Закон за верските заедници, во кој се наведува дека „романската држава ја признава духовната, образовната, социјално-хуманитарната и културната улога на верските заедници, како и нивната улога во општественото партнерство и нивниот статус како фактори на општествениот мир. Романската држава ја признава важната улога на Романската Православна Црква и на другите признати цркви и верски заедници во националната историја на Романија и во животот на романското општество“.
Од своја страна, амбасадорот Барнс изрази благодарност за приемот што го доби во Романската патријаршија и восхит од верата и традициите на романскиот народ. Тој, исто така, ја истакна сложената и напната геополитичка и верска состојба во различни региони во светот, вклучително и вооружениот конфликт во соседството на Романија.
Патријархот Даниел нагласи дека Романската Православна црква постојано се моли за мир во целиот свет и за мудри, праведни и трајни решенија на конфликтите, особено за војната во Украина. Тој, исто така, истакна дека Романија прими голем број украински бегалци, на кои им обезбеди материјална и духовна помош.
Во текот на средбата, двајцата разговараа и за бројните предизвици со кои се соочуваат современите општества, особено младите, меѓу кои различните форми на зависност, индивидуализмот и сè поголемата социјална изолација. Во тој контекст, Патријархот на Романија ја истакна важноста на одговорната слобода, заштитата на човечкото достоинство, како и солидарноста и дијалогот меѓу религиите и заедниците.
Извор: https://basilica.ro/en/patriarch-daniel-us-diplomat-religious-freedom-ukraine/
