На 8 март 2025 година, по завршувањето на Божествената литургија во женскиот манастир „Покров Богородичен“, во игуменскиот конак се одржа средба на Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус Кирил со членовите на делегацијата на Маланкарската Црква, кои пристигнаа од Индија во Русија за прославата на денот на блажената Матрона.
Делегацијата присуствуваше на богослужбата која ја изврши Поглаварот на Руската Православна Црква на денот на пронаоѓањето на моштите на оваа светица, чие почитување во последниве години расте и меѓу индиските христијани.
Срдечно поздравувајќи ги гостите, Неговата Светост Патријархот Кирил истакна дека станува добра традиција учеството на претставниците на Руската Православна Црква и Маланкарската Православна Сириска Црква во црковните свечености и одбележувањето на спомен-деновите, што придонесува за понатамошно зајакнување на братските односи.
Од своја страна, митрополитот на Делхи Јуханон Мар Деметриос во име на членовите на делегацијата изрази радост во врска со можноста да учествуваат во свеченостите посветени на споменот на блажената Матрона Московска и да присуствуваат на богослужбата што ја изврши Неговата Светост Патријархот Кирил.
„За прв пат се запознав со животот на света Матрона Московска кога го придружував Неговата Светост Католикосот Василиј Мар Тома Матеј III за време на неговата посета на Москва. Нејзината едноставност, грижата за обичниот човек, светоста, подвижничкиот карактер на животот ме убедија во дејственоста на нејзиното застапништво за верниците“, рече митрополитот Јуханон Мар Деметриос. „Затоа сме исполнети со надеж дека нашата денешна посета ќе ја продолжи добрата традиција на присуство на јерарси од Маланкарската Црква на прославите посветени на споменот на блажената Матрона.“
Јерархот истакна: „Долгогодишните добри односи меѓу нашите Цркви се зајакнуваат уште повеќе и со тоа што станува збор не само за Маланкарската Црква, туку и за целиот народ на Индија, кој симпатизира со Русија и позицијата што таа ја зазема, како и позицијата што ја заземате Вие, Ваша Светост. Народот на Индија и нашата Црква соживуваат со вас во овој период кога сте принудени да се справувате со потешкотиите поврзани со создавањето на мултиполарниот свет.“
Тој изрази уверување дека Работната група ќе продолжи неуморно да работи, вложувајќи напори за унапредување на заедничката агенда во прашањата на запознавање со монашките традиции едни на други, богословските консултации, културните размени, соработката во сферата на социјалното служење, што ќе служи за понатамошно зближување меѓу Руската Православна Црква и Маланкарската Црква.