Српската православна богословска школа „Свети Сава“ од Чикаго, САД, склучи договор за соработка со Московската духовна академија, главната богословска школа на Руската православна црква.
Од 23 до 29 септември, архимандритот Сергиј (Пушкар), продекан и професор во Свети Сава и игумен на манастирот „Покров Богородичен“ – Нова Грачаница, во Чикаго, ја посети Московската духовна академија за да ја претстави својата книга „Животот, мисионерското дело и учењето на Свети Николај (Велимировиќ) Српски“, која беше објавена од страна на издавачката куќа на Московската духовна академија, се вели во известувањето на Академијата.
Отец Сергиј и самиот е дипломец на Московската духовна академија.
Во саботата, на 28 септември, отец Сергиј и ректорот на Московската духовна академија, Неговото Преосвештенство епископот Кирил од Сергијев Посад и Дмитров, потпишаа договор за соработка меѓу двете богословски школи.
Плановите за соработка вклучуваат организирање заеднички настани, гостински предавања и други активности од заемен интерес.
Богословијата „Свети Сава“ е основана во 1986 година со благослов на Неговата Светост Патријархот Српски Герман, а започна со работа во 1987 година. Школата доделува диплома за теологија.