Српската Православна Црква на својата интернет страница на 18 февруари 2026 година објави соопштение за јавност, од Светиот архијерејски синод, во кое известува дека го разрешува од должност Високопреосвештениот Архиепископ и Митрополит Жички г. Јустин.
Во продолжение ова соопштение го пренесуваме во целост.
Светиот архијерејски синод на Српската Православна Црква на својата седница од 18 февруари тековната година, врз основа на 74-от канон на светите Апостоли и член 70 став 1 точки 20 и 35 алинеја б) од Уставот на Српската Православна Црква, донесе одлука со која Неговото Високопреосвештенство Архиепископот и Митрополит Жички г. Јустин го разреши од должноста управување со доверената му Жичка епархија до редовното заседание на Светиот архијерејски собор во 2026 година и покрена постапка за утврдување на неговата канонска одговорност. Истовремено, Светиот архијерејски синод за администратор на Жичката епархија, до претстојното заседание на Светиот архијерејски собор, го именува Неговото Високопреосвештенство Архиепископот и Митрополит Нишки г. Арсениј.
Во текот на редовната постапка за преглед на материјално-финансиското работење на епархиите на Српската Православна Црква, спроведена врз основа на одлука на Патријаршискиот управен одбор од 24 октомври 2023 година, Комисијата на Патријаршискиот управен одбор, а потоа и Комисијата на Светиот архијерејски синод, собрале материјални докази врз основа на кои е утврдено дека Неговото Високопреосвештенство Архиепископот и Митрополит Жички г. Јустин извршил бројни канонски и други црковни престапи во управувањето со доверената му Жичка епархија.
Во претходниот период е утврдено дека Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Жички г. Јустин неовластено основал три трговски друштва („Трифора доо“, „ЈЕЖ доо“ и „Винарија манастира Студенице доо“), го прикривал нивното работење, се запишал како вистински сопственик на трите друштва, потоа извршил неовластена продажба на 34 црковни недвижности (станови, деловни простории и сл.) во Краљево и Чачак, неовластено и спротивно на важечките црковни прописи склучувал со правни и физички лица штетни договори во повеќемилионска вредност, неовластено давал заеми во повеќемилионски износи на разни трговски друштва во Србија, како и извршил финансиски злоупотреби невидени во Српската Православна Црква, кои повлекуваат и кривична одговорност пред државните органи.
Светиот архијерејски синод со жалење констатира дека Митрополитот Жички г. Јустин во изминатиот период, со цел да избегне црковна и канонска одговорност, заедно со своите соработници упорно ја доведувал јавноста во заблуда тврдејќи дека е „политички прогонуван“ поради актуелната општествена и политичка состојба во Србија, што решително го демантираме. Во овој, како и во други слични случаи на утврдување канонска одговорност на архиереи на Српската Православна Црква, исклучиво станува збор за внатрешни канонски и црковни прашања за кои се надлежни единствено Светиот архијерејски синод и Светиот архијерејски собор на Српската Православна Црква.
