Српската Православна Црква реагира на сè потешката состојба на Косово и Метохија

По долг период на воздржаност, бројни разговори со меѓународните претставници и настојувања постојните проблеми да се решаваат мирно, непосредно и во духот на добра волја, Рашко-призренската епархија на Српската Православна Црква чувствува пастирска и морална обврска јавно да укаже на сè потешката положба на црквата и на српскиот народ на Косово и Метохија, која дополнително е влошена поради односот на косовските институции кон српската заедница.

Од Епархијата особено го истакнуваат кршењето на правата на Црквата и нејзините верници од страна на Косовската полиција, која на терен спроведува активности насочени против припадниците на српскиот народ и Српската православна црква. Според Епархијата, српскиот народ сè помалку ја доживува полицијата како институција што треба еднакво да ги штити и да им помага на сите граѓани, а сè повеќе како непосреден инструмент на притисок, чија цел е да го отежне животот на народот и на Црквата.

Во соопштението се наведува дека односите со косовската полиција и со властите никогаш не биле на толку ниско ниво од завршувањето на војната.

„Со длабоко жалење мораме да кажеме дека односите на српската заедница и на нашата Црква со косовските институции, а особено довербата во Косовската полиција, никогаш не биле на толку ниско ниво во целиот повоен период. Ова не е заклучок заснован на еден издвоен настан, туку на долгогодишна низа постапки кои никако не можат да се оправдаат како поединечни пропусти и кои од ден на ден добиваат обележја на систематска дискриминација“, се наведува во соопштението.

Од Епархијата предупредуваат дека постои оправдан страв оти српскиот народ би можел да исчезне од просторот на Косово и Метохија доколку ваквиот однос продолжи.

„Иако редовно избегнуваме поостри оценки, длабоко сме уверени дека, ако оваа состојба продолжи без реакција од меѓународната заедница, може да дојде до целосно исчезнување на српскиот народ од овој простор. И меѓународните извештаи во последно време укажуваат на влошување на односите со српската заедница, ниско ниво на доверба во институциите, крајно провокативни и агресивни постапки на полицијата, како и мерки што го отежнуваат пристапот до основните јавни услуги и примената на механизмите за заштита на правата на српската заедница и на Црквата.

Косовската полиција, по својата природа и прокламирана мултиетничка улога, треба да биде во служба на сите граѓани, да ги штити најзагрозените и да придонесува за градење доверба меѓу заедниците. Не сакаме неправедно да ги обвинуваме поединците кои совесно ја извршуваат својата работа, но работата на една институција не се оценува според исклучоците, туку според општиот начин на постапување и според тоа дали најранливите заедници во неа гледаат заштита или извор на закана. За сè поголем број Срби, Косовската полиција повеќе не претставува мост на доверба, туку средство за притисок, селективна контрола и систематско заплашување.“

Од Епархијата повторно потсетуваат на случувањата за време на одбележувањето на Видовден.

„Неодамнешното одбележување на Видовден на Газиместан, на 28 јуни, ја покажа целата длабочина на тоа недоверба. Вкупно 37 Срби, меѓу кои и едно малолетно лице, беа приведени, а 36 од нив беа задржани по мирно завршениот помен, иако самата полиција соопшти дека немало инциденти што го загрозиле текот на собирот.

На јавноста не ѝ беа презентирани докази дека приведените лица употребиле каква било сила против полицајци или против кој било граѓанин. Според достапните информации, постапките биле покренати првенствено поради пеење патриотски песни и други облици на изразување на српскиот идентитет, кои според Уставот и законите се дозволени за сите заедници, па и за српската, но во практика нивната употреба од страна на Србите се прогонува и казнува, додека кај косовските Албанци се толерира.“

Во соопштението се наведува дека ставот на косовските власти е целокупната вина, без оглед на околностите, да му се припишува на српскиот народ.

„За жал, во албанската јавност сите злоупотреби на полицијата беа премолчени, а Србите колективно беа прикажани како нарушувачи на мирот, иако не е забележан ниту еден случај на насилство или материјална штета. Според анализите на правните експерти, и судската постапка против обвинетите била водена со бројни неправилности, без почитување на правата на обвинетите и со јасна цел приведените што побрзо и што построго да бидат казнети.

На тој начин беше испратена порака дека за Србите не може да има мирно одбележување на Видовден, исто како што само за нив не постои слобода за истакнување национални симболи. Според нашите сознанија, меѓународните извештаи за овие злоупотреби на Косовската полиција се испратени и во Женева и во Њујорк.“

Од Епархијата нагласуваат дека Српската Православна Црква не бара никој да биде над законот и никогаш не оправдувала повици на омраза, насилство или загрозување на други луѓе, туку повикувала на мирен заеднички живот и слобода за сите, без оглед на етничкото потекло.

„Но законите мора да се применуваат праведно, без предрасуди и врз основа на проверливи докази. Песна, молитва, традиционална носија, национален симбол или мирно изразување на идентитетот сами по себе не можат да бидат третирани како безбедносна закана. Кога кон припадниците на една заедница се применуваат драстични мерки што не се применуваат во споредливи околности кон други, тогаш повеќе не станува збор само за јавен ред, туку за прашање на еднаквост пред законот и заштита од дискриминација.“

Посебна загриженост кај Рашко-призренската епархија предизвикува неефикасната примена на Законот за специјалните заштитни зони. Тој закон не е политичка препорака, туку задолжителен правен механизам воспоставен за да овозможи мирен живот и дејствување на Српската православна црква и заштита на нејзините светињи, пред сè од постапките на косовските институции.

Во изминатата нешто повеќе од една година биле забележани сериозни нарушувања на заштитните зони околу Испосницата на Свети Петар Коришки, манастирот Богородица Хвостанска и заштитната зона околу манастирот Грачаница, без примена и почитување на законски пропишаните постапки.

Отсуството на навремена и решителна реакција од надлежните институции го доведува во прашање самата смисла на законот и го поттикнува уверувањето дека правата на Црквата можат да бидат занемарени без никакви последици.

Постои повеќе од оправдан страв дека косовските институции, во услови кога заштитните механизми не функционираат, би можеле насилно да ги преземат специјалните заштитни зони и да постапуваат токму на начин поради кој тие зони и биле воспоставени, односно преку игнорирање или намерно погрешно толкување на сопствените закони да ги нарушуваат правата на Црквата и да го отежнуваат нејзиниот опстанок на Косово.

Во исто време, бројните напади, провали, кражби и сквернавења на српските православни храмови речиси по правило не добиле ефикасен судски и полициски епилог. Од Епархијата укажуваат на опасната практика на Косовската полиција, забележана и во меѓународните извештаи, нападите врз Црквата да ги третира како оштетување на имот или вандализам, со цел да се прикрие обемот на меѓурелигиското и меѓуетничкото насилство кое и понатаму постои и се толерира на Косово.

Особено загрижувачки е случајот со двојната провала во српската православна црква „Св. Архангел Михаил“ во Ракитница, каде што Епархијата во два наврати, во присуство на претставници на ЕУЛЕКС, се обидела да ја пријави првата провала, но полицијата одбила да ја прими пријавата и да спроведе истрага.

Покрај тоа, во последниот случај, кога службениците на Епархијата ја пријавиле провалата извршена од Никола Џуфка, албански државјанин кој стоел зад овие упади, полицијата им се заканувала на службениците на Епархијата, па дури и ги испрашувала под сомнение за истото дело за кое тие го пријавиле провалникот.

Во меѓувреме, Никола Џуфка слободно се движи низ Косово и лажно се претставува како „архиепископ“ на канонски и правно непостоечка црква, јавно фалејќи се со провалата во храм што ѝ припаѓа на Српската православна црква и искажувајќи претензии кон нејзините цркви и манастири. Редовно се промовира во медиумите и дури е приман од косовски градоначалници, додека кривичната пријава што ја поднела Епархијата останува игнорирана.

Истовремено, десетици Срби се апсат низ Косово и Метохија 27 години по завршувањето на војната, најчесто врз основа на недоволно утврдени факти за нивното наводно учество во воени злосторства, иако сите тие 27 години живееле мирно и никој не го поставувал прашањето за нивната одговорност. Начинот на собирање докази, безрезервната доверба во сведоците и водењето на судските постапки, според Епархијата, не даваат никаква гаранција за правично судење, што е документирано и во неодамнешниот извештај на ОБСЕ.

Многумина веќе го заборавиле случајот со монахот на Епархијата, отец Фотиј Костовски, кој пред три години без никакво образложение од страна на полицијата бил протеран од Косово. Образложение не им било дадено ниту на претставниците на ЕУЛЕКС и ОБСЕ, што создава опасен преседан и јасно укажува на намерите на Косовската полиција.

Особено болно сведоштво за институционалната самоволност, според Епархијата, претставува положбата на храмот „Христос Спасител“ во Приштина. Храмот и земјишните парцели на кои се наоѓа се уредно запишани како сопственост на Српската православна црква и тоа право на сопственост никогаш не било судски оспорено. Сепак, полицијата во повеќе наврати, без да приложи судска одлука со која на Црквата би ѝ било ускратено правото на пристап, ги спречувала митрополитот Теодосиј, свештенството и верниците да влезат во храмот, да го исчистат и да служат света Литургија.

Во овој случај, како што се наведува, полициската одлука во практика станува посилна од правото на сопственост, од слободата на вероисповед и од отсуството на каква било судска забрана, при што полицијата, користејќи вербални закани, спречува една верска заедница да го користи сопствениот храм.

Епархијата е особено загрижена и поради состојбата околу манастирот Високи Дечани. Прашањето за изградбата на магистрален пат непосредно покрај манастирот, и покрај тоа што Европската Унија и ОБСЕ го прогласиле за незаконски, како и урбанистичките и развојните планови и непотполната примена на режимот на специјалната заштитна зона, испраќаат јасна порака дека манастирот не може да смета на институционална заштита.

Манастирот во изминатите 27 години бил четири пати цел на вооружени напади. Во последно време Епархијата прима сè повеќе сведоштва дека полицијата ги запира, испрашува и претресува посетителите веднаш штом ќе ја напуштат непосредната зона што ја обезбедува КФОР, иако нивните посети биле мирни и исклучиво поклонички. Таквото постапување создава впечаток дека посетата на еден христијански манастир сама по себе претставува вина.

Поради сето тоа, продолжувањето на непосредната заштита на Високи Дечани од страна на КФОР останува повеќе од кога било досега незаменлива безбедносна гаранција, а не каква било привилегија. Повиците на косовските политички претставници дека треба да се отстрани присуството на КФОР околу манастирот во постојната ситуација би претставувале огромен фактор за зголемување на нестабилноста. Косовската полиција не изградила ниту доверба, ниту капацитет да го штити манастирот Високи Дечани наместо КФОР.

Во случај на повторна нелегална изградба на магистралниот пат, до чиј обид сигурно ќе дојде, тешко може да се очекува од Косовската полиција таа изградба на лице место да ја запре, како што тоа го правеше КФОР. На тој начин би се обезвреднила уште една специјална заштитена зона, а светски познатиот средновековен манастир и Црквата би биле доведени пред свршен чин, до кој би се дошло со кршење на законите од витален интерес.

Отсуството на посериозни инциденти во поново време не е последица на подобрување на општата состојба, туку пред сè резултат на ефикасноста и значењето на присуството на КФОР околу овој манастир, кој заедно со Пеќката Патријаршија, Грачаница и Богородица Љевишка се наоѓа на листата на загрозено светско културно наследство уште од 2005 година.

Рашко-призренската епархија со години настојуваше со ништо да не придонесува кон запаливата реторика и се залага за правата на сите граѓани. Сите проблеми ги изнесувавме одговорно, во директни разговори со меѓународните претставници и, кога тоа беше можно, со косовските институции.

Воздржаноста на Епархијата, сепак, не смее погрешно да се толкува како рамнодушно прифаќање на постојната состојба во која сме сведоци на систематска ерозија на правата. Кога проблемите се повторуваат, кога договорите не носат промени на теренот и кога по секое предупредување следуваат нови и поинтензивни притисоци, Црквата има должност да го подигне својот глас.

Реалноста на теренот е во длабока спротивност со официјалната слика за безбеден и рамноправен живот на сите заедници. Косово во институционалниот и јавниот живот сè повеќе се обликува без вистинско учество и доверба од страна на српската заедница, како етнички албанско општество, спротивно на прокламираниот мултиетнички карактер на неговиот правен поредок.

Не може да се зборува за успешно општество ако една заедница живее под постојан притисок и под наметната колективна вина, без можност реално да добие заштита од институциите.

„Истовремено ја повикуваме меѓународната заедница да не го намалува своето дипломатско и безбедносно присуство и ангажман во момент кога меѓуетничката доверба е на најниско ниво, а механизмите на институционална заштита се без никаков ефект“, – се наведува во соопштението.

Присуството на КФОР, вклучително и непосредната заштита на манастирот Високи Дечани, како и неговото видливо безбедносно и цивилно-воено дејствување во чувствителните и изолирани српски средини, останува од суштинско значење.

Укинувањето или намалувањето на постојниот режим на меѓународна заштита, што се најавува, може да биде огромен фактор за понатамошно зголемување на нестабилноста и охрабрување на екстремните кругови да продолжат со притисоците врз српскиот народ и Црквата.

„Српската Православна Црква останува евангелски определена за мир, дијалог, владеење на правото и достоинството на секој човек, без оглед на неговото етничко или верско потекло, но истакнува дека мирот не може да се темели врз стравот на една заедница, врз селективната примена на законите и дискриминацијата.

Ниту стабилноста во регионот може да се гради со систематско игнорирање на проблемите на една заедница која веќе 27 години е изложена на акти на насилство, прогон и притисоци. Владеењето на правото мора да служи на правдата и животот, а не да стане изговор за косовските институции да продолжат со однесување кое директно води кон исчезнување на српскиот народ и оневозможување на животот на Српската Православна Црква, која со своите верници овде живее со векови“, – се наведува во заклучокот.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//17249.sve-tezi-polozaj-srpskog-naroda-i-crkve-na-kosovu-i-metohiji.html