Во петтата недела од Великиот пост, на празникот на Свети Иринеј, епископ Бачки и исповедник на верата, на 24 март / 6 април 2025 година, неговата Светост, Српскиот Патријарх Порфириј, началствуваше со Светата архиерејска Литургија во Соборниот храм во Нови Сад.
На богослужбата сослужуваа: Митрополитот Бачки Иринеј, Митрополитот Зворничко-Тузлански Фотиј, Митрополитот Крушевачки Давид, Митрополитот Тимочки Иларион, Митрополитот Нишки Арсениј, како и епископите Ваљевски Исихиј, Шабачки Јеротеј и Мохачки Дамаскин, заедно со свештенството и ѓаконството од Епархијата Бачка и од други епархии на Српската Православна Црква.
Во својата беседа по читањето на Евангелието, Патријархот Порфириј подвлече:
„Денеска одбележуваме седумдесет години од блаженото упокојување во Господа на Свети Иринеј, епископ Бачки, исповедник на верата. Сиот негов живот беше живот во Христа, и животот Христов се покажа и се пројави преку неговиот живот. Иако беше богословски многу над своите современици и браќа по вера, неговиот живот беше исполнет со подвиг. Тој го живееше евангелскиот идеал дека вистински теолог е оној кој вистински се моли – и обратно, оној кој вистински се моли е вистински теолог.“
Патријархот нагласи дека свети Иринеј особено се уподобил на Христа преку своето смирено служење на ближните, особено во тешките времиња на Втората светска војна, кога го ризикувал својот живот за спасение на народот. И покрај сите страдања и понижувања, свети Иринеј останал верен сведок на Христа, по зборовите на апостол Павле: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене.“
















