Српскиот Патријарх Порфириј ги пречека младите православци од Полска

Неговата Светост Српскиот Патријарх г.г. Порфириј на 13 јули 2025 година во Домот на Храмот Свети Сава, во Белград, пречека ученици и студенти – добитници на овогодинешната Олимпијада по знаење од Православна веронаука во Полска.

Поклоничкото патување на младите од Полска, во придружба на игуменот Пантелејмон, професор на Богословијата во Варшава, не е само награда за постигнатиот успех и покажаната ревност, туку и можност за духовно зацврстување, продлабочување на литургиското искуство, како и запознавање со српската младина и светосавското наследство. Во срдечно и отечко обраќање, Светејшиот Патријарх ја изрази својата радост поради средбата и, меѓу другото, порача:

„Драги деца, Српската Православна Црква е поврзана со братски врски на љубов со Полската Православна Црква. Иако сите ние православните сме една Христова Црква и еден Божји народ, постои посебна блискост меѓу нас, бидејќи вашиот претстоител е монах од нашата Помесна Црква и го носи името на првиот Архиепископ на нашата Црква – името на Свети Сава. Лично имав можност повеќепати да се сретнам со Митрополитот Сава, а тој беше и гостин во манастирот во кој долго време живеев. Но, најважно е што ние знаеме дека православната вера во Полска, иако таму нема голем број православни христијани, е силна, крепка и ни служи и како утеха и како пример за углед. Вие сведочите за тоа, вие што сте православни христијани и што имате поголемо знаење за својата вера и Црква од многумина други. Освен што сме една Црква и служиме една Литургија, важно е да се молиме едни за други, особено денес, кога има многу недоразбирања меѓу луѓето низ целиот свет, меѓу народи, држави и религии. Молитвата едни за други е неопходна, затоа што без Божјата благодат, која доаѓа меѓу нас и преку молитвата, тешко можеме да се справиме со предизвиците на модерното време, секој на своето место и во својата служба. Затоа ве молам: молете се вие за нас, како што и ние се молиме за вас, и пренесете ја нашата љубов, почит и молитвени желби до вашиот Митрополит Сава и до сите епископи и свештеници на Црквата во Полска. Нека даде Бог да се гледаме што почесто – и овде, и во Полска, и секаде каде што заедно ќе го славиме Божјото име. Да сте живи и здрави!“

Истата вечер, младите од Полска, заедно со своите врсници од Србија – ученици и студенти од белградските училишта и факултети – присуствуваа на света Литургија во Храмот Свети Сава, со која началствуваше Неговото Преосвештенство Епископот лондонски и британско-ирски г. Нектариј.

Извор: https://spc.rs/sr/news/patrijarh//14416.patrijarh-porfirije-ugostio-mlade-pravoslavce-iz-poljske.html