Српскиот Патријарх Порфириј го освети обновениот соборен храм во Пакрац, Хрватска

Неговата Светост, Српскиот патријарх Порфириј, началствуваше со светата Литургија и чинот на осветување на обновениот соборен храм „Света Троица“ во Пакрац, Хрватска, катедралниот храм на Славонската епархија, кој беше речиси целосно разрушен за време на воените збиднувања од 1991 до 1995 година. Обновата и осветувањето на храмот стар речиси 280 години претставува голема радост и поткрепа за Србите во Славонија, кои по сите војни и големи страдања опстанаа на својата земја под закрилата и грижата на Српската Православна Црква – известува официјалната интернет страница на Српската Православна Црква.

На Неговата Светост му сослужуваа: архиепископот Антидонски г. Нектариј од Ерусалимската патријаршија; митрополитот Димитријадски и Алмирски г. Игнатиј од Црквата на Грција; архиепископот Михаловско-кошички г. Георгиј од Православната Црква на Чешките Земји и Словачка; и архијереите на Српската Православна Црква: митрополитите Црногорско-приморски г. Јоаникиј, Германски г. Григориј, Рашко-призренски г. Теодосиј, Захумско-херцеговски и Стонско-приморски г. Димитриј, Будимљанско-никшиќки г. Методиј; епископите Вашингтонско-њујоршки и Источноамерикански г. Иринеј, Пакрачки и славонски г. Јован, Швајцарски г. Андреј, Бихаќко-петровачки г. Сергиј, Буенос-аирески и Јужно-централноамерикански и администратор Загрепско-љубљански г. Кирил, и викарниот Липљански г. Доситеј, како и многубројно свештеномонаштво, свештенство и ѓаконство.

Во беседата по читањето на Светото Евангелие, Патријархот упати молитвени желби „секогаш, како денес, да се собираме во љубов, во заемно разбирање и во подготвеност да се слушнеме едни со други; секогаш да доаѓаме во Пакрац со молитва за да Го славиме Единиот Бог во Троица, на Кого е посветен пакрачкиот храм. Српскиот патријарх Порфириј нагласи дека храмот во Пакрац сведочи за распетието, но и за воскресението. Иако бил повеќе од ранет, храмот сведочи за фактот дека Бог е Господар на историјата и дека е љубов“.

По богослукжбата свечено беше отворена библиотеката на Славонската епархија, познатата библиотека на ракописни и печатени книги, која прочуениот пакрачки епископ Никанор (Грујиќ) ја нарекол Епископска библиотека во Пакрац. Освен збирката на ракописи, главната вредност на библиотеката ја претставува втората по ред во светот збирка на рани српски печатени книги, со голема колекција на српски книги од XVIII век и збирка на европска мисла сè до нашите денови. Библиотеката била одземена и ограбена од Независна Држава Хрватска, потоа задржана и дополнително присвоена од комунистичките власти, за да биде делумно вратена на Епархијата во средината на осумдесеттите години. Таа беше зачувана во најголем дел за време на последната војна со разумноста на хрватскиот офицер Иван Хити, поради што беше одликуван од страна на Светиот Синод на Српската Православна Црква.

Соборниот храм „Света Троица“ е најголемиот православен храм во Пакрац, сместен покрај седиштето на Славонската епархија. Храмот е граден од 1745 до 1768 година на темели на постара црква, покрај која во 1747 била подигната капелата „Свети Трифун“. Позначајна обнова е изведена во 1898 година според проектот на Херман Боле, кога бил изработен и новиот иконостас, дело на сликарот Стево Тодоровиќ. За време на Втората светска војна усташите ја уништиле архивата и црковните книги и документи, а непроценливите богатства биле ограбени. Во последната војна, кон крајот на 1991 година, тешко бил оштетен камбанаријата и кровот, а на почетокот на 1992 година Соборниот храм бил миниран од хрватската војска и тогаш изгореле иконостасот и други црковно-уметнички предмети. Спроти Божиќ 1996 година, во храмот бил миниран гробот на пакрачкиот епископ Емилијан. Обновата на соборниот храм „Света Троица“ започнала во 2003 година.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//14737.patrijarh-porfirije-osvestao-obnovljenu-sabornu-crkvu-u-pakracu.html#