По повод осветувањето на новоизградениот храм на Соборот на Светиот архангел Гавриил Неговата Светост патријархот Српски г. Порфириј на 25 септември 2026 година, пристигна во Пале, Босна и Херцеговина, каде што пред велелепниот Божји храм беше пречекан од Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дабробосански г. Хризостом, заедно со архијереите, свештенството, монаштвото и бројниот верен народ.
По тој свечен повод, зборови на добредојде и благодарност кон Патријархот упати митрополитот Хризостом, истакнувајќи дека гратчето Пале е симбол на националното единство и отпорот во најтешките времиња од српската историја во XX век. Заблагодарувајќи му на поглаварот на Српската Православна Црква што дошол да началствува со чинот на осветувањето на храмот на Соборот на Светиот архангел Гавриил во Пале, митрополитот Хризостом истакна дека новоизградениот храм претставува и е благодарност на српскиот народ кон Бога, но и благодарност и сеќавање на сите оние кои на тоа историско место испишале нови страници од српската историја.
Во своето обраќање, Патријархот Порфириј, помеѓу останатото, истакна:
„Ова е местото каде што ќе доаѓате за да покажете дека се вистинити зборовите на светиот апостол Павле дека човекот е храм на Светиот Дух. Овде ќе доаѓате бидејќи знаете дека Бог ви е потребен, дека ве љуби и дека, станувајќи храм на Светиот Дух, потврдувајќи го тоа секојдневно, треба целосно да бидете отворени за Божјата љубов, за Неговата благодат, но и едни кон други, за вашето срце да биде храм кој може да го прими во себе секој човек, пред сè вашите најблиски. Исто така, овде, во храмот на Светиот Дух, да се воспитувате да бидете способни да градите пријателства со сите, да имате разбирање за сите, бидувајќи меѓусебно едно и заедница.
Да бидеме пријатели, колку што зависи од нас, со сите што го делат овој простор со вас, без оглед на тоа како се молат и на кој народ му припаѓаат. Зашто храмот на Божјата љубов ги прегрнува сите и секој човек, а ние, станувајќи храм, сакаме не само да градиме мостови со другите, туку и да бидеме пријатели со нив, да го споделуваме доброто со нив. Тоа е овој храм и тоа е она на што нè научи Свети Сава, она што сме биле, што сме и што ќе бидеме до крајот на светот и векот, по која било цена. Зашто секоја цена е мала за добивката. На тој начин, исполнувајќи ја Божјата заповед, Христовата заповед за љубовта: ’Љуби Го Господа со сето свое битие и својот ближен како самиот себе’, ние стануваме она што треба да бидеме, стануваме Христови, тогаш сме Црква, тогаш сме чеда на Свети Сава.“
Новиот храм, кој со својата положба ги поврзува духовниот, академскиот и културниот живот на Пале, се наоѓа во непосредна близина на факултетите на Универзитетот во Источно Сараево – Економскиот, Филозофскиот, Правниот и Факултетот за физичка култура.
Иницијатор за изградбата на новиот храм во Пале бил блаженоупокоениот Митрополит дабробосански Николај. Изградбата на храмот на Соборот на Светиот архангел Гавриил започнала во 2008 година, а истата година, на празникот на Светите Јоаким и Ана, на 22 септември, митрополитот Николај ги осветил темелите. Богослуженијата во храмот се вршат од 2015 година.
Осветувањето беше извршено на 26 септември. На Поглаварот на Српската Православна Црква му сослужуваа Високопреосвештените митрополити: Дабробосански Хризостом, Захумско-херцеговски и Стонско-приморски Димитриј и Будимљанско-никшиќки Методиј, како и Преосвештените епископи Пакрачко-славонски Јован и Шабачки Јеротеј.

















