Српскиот Патријарх Порфириј отслужи помен за настраданите во Мартовскиот погром во Косово и Метохија во 2004 година

Неговата Светост Српскиот патријарх г. Порфириј, на 17 март 2025 година во Соборниот храм на Свети Архангел Михаил во Белград одржа помен за постраданите во Мартовскиот погром од 2004 година на Косово и Метохија. 

„Нашиот народ, браќа и сестри, нашиот народ е Христов народ, нашиот народ е православен народ, нашиот народ верува во Божјото слово. Нашиот народ е запечатен со името на Синот Божји, а тоа значи – со крстот. Крстот е силата и знакот на нашиот народ. Крстот е предвкусот на тајната на победата – победата Христова над нашиот најголем непријател, над најголемиот непријател на целиот христијански род, над тројниот непријател: ѓаволот, гревот и смртта. И затоа, како што рекол големиот поет: ‘Судено ни е да го носиме крстот’“ – рече, помеѓу останатото, Патријархот Пофириј. 

„Историјата на нашиот народ е истовремено и историја на нашето страдање. Би можеле да кажеме дека секој ден е како еден вид јубилеј – јубилеј на нашето страдање. Нема ден што не е обележан со страдање во нашиот народ, а денес се собравме да се помолиме на Бога за сите наши браќа и сестри кои пострадаа во Мартовскиот погром на Косово и Метохија, да се помолиме за нивните души, но истовремено и да му се помолиме на Бога, од длабочината на нашето битие, нашиот народ да остане и опстане на Косово и Метохија, да биде она што е. Истовремено, собрани сме да се помолиме за мир меѓу сите луѓе што живеат на Косово и Метохија, да се помолиме на Бога да ги отвори најдлабоките точки на срцата на секој човек што е таму, за да може да го разбере и види секој човек како свој ближен, без оглед на кој народ припаѓа и на кој начин му се моли на Бога“ – истакна Патријархот Порфириј.

Понатаму, тој нагласи:  „Собрани сме да се молиме на Бога за сите луѓе што живеат на Косово и Метохија, да разберат дека секој човек е Божја икона и дека секој човек, без оглед на името што го носи, постои покрај нас за да можеме да се потврдиме како луѓе што ја слушнале Христовата заповед во која се содржани сите други заповеди: ’Љуби го ближниот свој како себеси.’“

Денес се навршуваат дваесет и една година од разорните напади на албанските екстремисти, при што од Косово и Метохија беа протерани 4.012 Срби, а повеќето од нив сè уште не се вратиле во своите домови. Во бранот на насилство беа убиени 19 лица, меѓу кои осум Срби, додека 11 Албанци загинаа во судири со меѓународните безбедносни сили. Повредени беа најмалку 170 Срби, како и десетици припадници на меѓународните сили кои се обидуваа да ги заштитат Србите и нивниот имот. 

Во нападите беа разрушени околу 800 домови, а посебно на удар беа православните светињи. Уништени беа 35 цркви и манастири, а во тие вандалски акти засекогаш исчезнаа непроценливи икони и културни добра што ги преживеале османлиската окупација и светските војни. 

Овој трагичен настан беше особено болен за српскиот народ и неговата Црква, бидејќи не се случи во време на воен хаос, туку во присуство на илјадници припадници на меѓународните мировни сили КФОР, Косовската полиција и УНМИК, од кои никој не презеде јавна одговорност за големите пропусти – известува интернет страницата на Српската Православна Црква.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//13546.patrijarh-porfirije-iz-dubine-svog-bica-molimo-boga-da-nas-narod-ostane-i-opstane-na-kosovu-i-metohiji.html