Неговата Светост Српскиот Патријарх г. Порфириј, на 10 септември 2024 година, во просториите на Српската патријаршија, во Белград, заедно со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Зворничко-Тузла г. Фотиј, член на Светиот архиерејски синод на Српската православна црква, ја прими делегацијата на Коптската (предхалкидонска) црква од Соединетите Американски Држави.
Делегацијата ја сочинуваа: Митрополитот на Јужна Калифорнија и Хаваи и Епископ на Лос Анџелес г. Серапион и викарните епископи Аврам и Кирил.
Неговата Светост Патријархот ги поздрави гостите и ја изрази својата радост за средбата со браќата христијани од благословената земја Египет.
Високопреосвештениот Митрополит г. Серапион во име на делегацијата му се заблагодари на домаќинот за гостопримството и истакна дека нивната посета на Србија е прва посета на овој дел од светот воопшто. Гостите на 11 септември во утринските часови ги посетија храмот Свети Сава на Врачар, соборната црква Свети Архангел Михаил и Музејот на Српската православна црква, па затоа при средбата на патријархот Порфириј му ги пренесоа своите впечатоци за живата Српската црква, која има слична судбина со страдање со Коптската црква. Митрополитот Серапион му се заблагодари на Патријархот за неговото активно сведочење за безвременските принципи на христијанската љубов, за давањето поддршка и можноста за првпат во Србија оваа година да се одржи богослужба за верниците на древната Коптска црква, на Благовештение, во Патријаршиската капела „Свети Симеон Мироточив“.
Неговата Светост Српскиот патријарх г. Порфириј им се заблагодари на гостите за посетата, потврдувајќи го ставот на митрополитот Серапион за страдањата низ кои поминале и минуваат коптските Христијани и православните Срби и нивните Цркви, кои храбро го носат својот крст на патот кон спасението. „Колку и да е тешко да се носи крстот, невозможно е да се разбере Христовата порака без крстот“ – рече патријархот Порфириј, кој ја истакна важноста од присуството на Коптската црква во западниот свет, каде што луѓето можат да научат многу за древната духовност која влече корени во Египет благодарение на Коптите.
На крајот од средбата беа разменети пригодни подароци. На приемот присуствуваше протоереј Ѓорѓе Стојисављевиќ, шеф на Кабинетот на српскиот патријарх.
Древната коптска (предхалкидонска) црква има повеќе од дванаесет милиони верници, главно населени во Египет. Во САД живеат околу 600.000 коптски верници, предводени од петнаесет епископи.