Српскиот Патријарх Порфириј се сретна со Митрополитот на Алепо Ефрем

Неговата Светост Српскиот Патријарх Порфириј, на 15 декември 2025 година во просториите на патријаршијата во Белград оствари разговор со Неговото Високопреосвештенство митрополитот на Алепо Ефрем од Антиохиската Патријаршија.

Во срдечен и братски разговор, гостинот го запозна патријархот со актуелната состојба на христијаните во Сирија, особено во градот Алепо, како и со бројните предизвици со кои тамошните православни верници се соочуваат поради повеќегодишните воени страдања, тешките економски услови и општата нестабилност.

Патријархот Порфириј истакна дека, врз основа на неодамнешното, идентично и горчливо историско искуство низ кое помина српскиот народ во Босна, како и на Косово и Метохија, целата Српска Православна Црква со длабока загриженост, молитвен трепет и сострадална братска љубов, но и со вера во победата на љубовта над омразата, го набљудува трпението на светите (Откр. 14, 12) во Сирија, истовремено восхитувајќи се на нивното истрајно и непоколебливо сведоштво за Евангелието, мирот и вистината во времиња на тешки искушенија.

Заклучувајќи ја денешната братска средба, соговорниците ја истакнаа важноста на мирот, дијалогот и меѓусебното разбирање, како и потребата христијаните, и покрај сите неволји, да истраат во верата, надежта и љубовта.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//15328.patrijarh-porfirije-razgovarao-sa-mitropolitom-alepskim-jefremom.html